
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Битолската клиничка болница е екипирана со тим на интервентни кардиолози и медицински кадар кој овозможува адекватен третман на кардиоваскуларните болести на срцето за пациентите од Битола и поширокиот регион.
Во Битолската болница салата за инванзивна и интервентна кардиологија е комплетно опремена со современа техника и новиот ангиограф.
Салата работи под раководство на д-р Ненси Лозанче субспецијалист по интервентна кардиологија, сертифицирана за самостојно извршување на интервентни и инвaзивни процедури, со д-р Емилиа Паришко, специјалист кардиолог со референтна обука на клиниката за Кардиологија во Скопје за работа во ангиографска сала, а пред три дена се вклучи и д-р Игор Спироски, специјалист интернист и супспецијалист интервентен кардиолог со долгогодишно искуство како член на ангио тимот во Универзитетската клиника за кардиологија во Скопје, со бројни успешни интервенции зад себе.
Со долгогодишно искуство во тимот се и медицинските сестри Валентина Гачевска, Светлана Тодоровска и Семра Рустеми.
Тимот на одделот за интерветна кардиологија во Битола
Салата за инванзивна и интервентна кардиологија во Битола е отворена на 6 август 2012 година, што значи постои 13 години, но како што вели д-р Лозанче -„за жал не работи со континуитет бидејќи стариот ангиограф се расипа во 2019 година“ и тогашното раководство не успеа да го санира се до 2024 година. Од лани салата е повторно оспособено со нов модел на ангиограф од марката „Филипс“, донација на Светска банка.
Бројката на третирани пациенти со кардиолошки заболувања во Битола надминува над 3.000 од Битола и Пелагониско-преспанскиот регион. Она што е важно за д-р Лозанче која воедно е и директор на Клиничката болница Битола е ангажирање на искусни специјалисти лекари и медицински кадар за подобрување на здравствената заштита на Битолската болница. Последниот голем исчекор е вработувањето на искусниот кардиолог од Скопје д-р Игор Спироски, во битолската болница.
„Идејата д-р Игор Спироски да биде вработен во нашата болница потекна уште пред извесен период кога разбрав дека ја напушти Клиниката за кардиологија во Скопје. Таму интервентната кардиологија е на едно извонредно високо ниво и кога имате таков кадар кој работел во услови на Кардиологија во Скопје под раководство на професорот Сашко Кедев, размислував колку ќе биде корисно и добро за нашите пациенти, д-р Спироски да биде дел од нашиот тим. Тој е и нашиот учител на Клиниката во Скопје кога бевме на специјализација со докторката Паришко. Д-р Спироски и претходно доаѓаше во Клиничката болница во Битола да помага во Одделот за интервентна кардиологија во Битола“, изјави д-р Лозанче за „Апла“.
Д-р Ненси Лозанче
Доктор Ненси Лозанче напоменува дека вработувањето на д-р Спироски во Битола на Одделот за интервентна кардиологија – „ќе беше само желба доколку не беше силната поддршката од Владата и посебно ангажирањето на премиерот Христијан Мицкоски.“
Д-р Игор Спироски дел од тимот на Одделот за интервентна кардиологија во Битола
Пресудно за кардиологот Спироски да ја прифати понудата за вработување во Битола е моментот кога пред кусо време дошол во пријателска посета на колегите во Битола, но имал можност во истиот момент да присуствува на интервенција на акутен пациент.
„Сега веќе сум вработен во Битолската клиничка болница, дојдов да живеам во Битола и да работам овде. Она што ме натера да прифатам работа во Битола како прв предуслов беше тимот. Овде тимот за интервентна кардиологија е на многу високо ниво. Големо искуство стекнато кај лекарите и медицинските сестри. Имате искусен лекар, имате млад лекар, обучени сестри, значи има континуитет во една исклучително добро опремена сала“ , изјави д-р Спироски за „Апла“.
Со голем ентузијазам, д-р Спироски напоменува дека на одделот во Битола може да бидат третирани пациенти не само од регионот, туку и од северна Грција, бидејќи како што вели успешноста на една интервенција зависи и од брзината на времето со која ќе биде изведена, што подразбира подобар исход. Кардиологот смета дека треба да се работи на довербата на пациентите, да се сигурни дека овде во Битола на одделот за интервентна кардиологија ги имаат сите услови за здравствен третман.
За д-р Спироски предизвик е воведување во работа на покомплексните процедури на интервентна кардиологија - каротидни и периферни интервенции.
Д-р Емилиа Паришко
Најмладиот член на тимот кардиолози во Битола е д-р Емилиа Паришко. Таа вели - „Голема среќа е да се биде дел од тимот и да се има до себе стручњаци од областа кои ќе ти ја пренесат пред се’ страста кон работата. Јас не можам да функционирам ако не го работам ова. Кога сме во сала се почитува хиерархија, но д-р Лозанче и д-р Спироски се реализирани доктори кои даваат можност малиот лекар да учи и да се развива. Предизвик е да се работи со вакви професионалци“, вели д-р Паришко, интервентен кардиолог за „Апла“.
Директорката Лозанче вели дека со преземањето на функцијата пред една година затекнала болница без доволно лекари специјалисти, без соодветен стручен персонал и тоа било најголемиот предизвик да се привлечат лекари специјалисти.
„Уште од самиот почеток на моето доаѓање како директор во Клиничката болница во Битола целта ми беше екипирање на лекарскиот тим со лекари специјалисти, готов кадар, а не да праќаме млади лекари на специјализација и после шест години да чекаме да се вратат назад. Нашиот избор е примање на завршени специјалисти за да се надмине тој тампон период од лекари на специјализација. Ова е голем чекор кој води до кадровско јакнењето на Клиничката болница Битола. И токму затоа е целото ова мое ангажирање“, изјави д-р Лозанче.
Во последните месеци вработени се неколку специјалисти од повеќе области во болницата. За почеток вработен е д-р Хараламбос Сидиропулос, лекар специјалист инфектолог која ја напушти приватната болница „Систина“. Од приватното во јавно здравство е преземен и интернистот д-р Васил Чипуровски и д-р Зоран Литовски специјалист дерматовенеролог. Од неодамна се вработија и десет приватни специјализанти.
За два до три месеци, од специјализација треба да се врати млада лекарка, кардиолог да работи во тимот на д-р Лозанче.
Автор Анета Блажевска