2win800x200

Познатиот кардиолог др. Игор Спироски од денеска е дел од тимот кардиолози на Битолската клиничка болница

Август 06, 2025
Познатиот кардиолог од Скопје, др. Игор Спироски, специјалист интернист и супспецијалист интервентен кардиолог од денеска е дел од тимот на Битолската клиничка болница. 
 
-На денешен ден, 6 август 2012, за првпат профункционира салата за инванзивна и интервентна кардиологија во Клиничка Болница „Др. Трифун Пановски” - Битола — под раководство на др. Ненси Лозанче и медицинските сестри Валентина Гачевска и Светлана Тодоровска како посветен тим - што значеше нова ера во кардиолошката грижа во Битола и регионот.
 Денес, на истиот овој симболичен датум, со огромно задоволство најавуваме дека тимот на Отсекот на инванзивна и интервентна кардиологија се збогатува со уште еден член - др. Игор Спироски, специјалист интернист и супспецијалист интервентен кардиолог – кој заедно со постоечкиот тим составен од др. Ненси Лозанче, др. Емилија Паришко, медицинските сестри Валентина Гачевска, Светлана Тодоровска и Семра Рустеми - ќе ги спојат искуството и визијата со нова енергија и експертиза“, објавија од Клиничка болница Битола.
 
 Др. Спироски има повеќе од две децении активно искуство во Универзитетската клиника за кардиологија во Скопје, со бројни успешни интервенции зад себе.
 
Неговиот придонес како шеф на сала и долгогодишен член на ангио тимот претставува значајна вредност што ја внесуваме во нашиот битолски колектив, велат од Клиничката болница .
 
„Како главен уредник на South East European Journal of Cardiology, др. Спироски не го запира своето влијание – туку го проширува и во науката и иднината на медицината.
 Ова придружување значи нов импулс во работата на тимот – кој е насочен кон постојано унапредување на здравствените услуги и квалитетна услуга за пациентите.
Зад секој медицински успех стои тим. Денес нашиот тим е побогат за уште една вредна алка“, стои во објавата на болницата.

 

На почетокот на јули месец, интернистот д-р Васил Чипуровски е дел од тимот на Интерното одделение во Клиничката болница Битола, откако од 2019 година имаше своја приватна ординација во градот.  

Во Битолската болница од приватното здравство премина и  д-р Зоран Литовски специјалист дерматовенеролог со две децениско искуство. 

Претходно во мај годинава, лекар од приватната клиничката болница „Аџибадем Систина“ од Скопје  стана дел од тимот на Битолската клиничка болница и веќе го води Инфективното одделение во Битола. Д-р Хараламбос  Сидиропулос, специјалист по инфектологија повторно го врати во функција Инфективното одделение во Битолската болница, откако установата остана без специјалист пред речиси две години.

Од минатиот месец во Клиничката болница  Битола лекари специјалисти за онкологија и радиотерапија вршат прегледи во Онколошкото одделение во Битола. Ова следува откако Битолската болница доби согласност од министерот за здравство за соработка со Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија од Скопје. Скопските онколози доаѓаат во Битола секој петок. 

Од минатата недела десет лекари од приватните специјализанти се вработија во Клиничката болница Битола. 

 

Анета Блажевска

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани