
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Пратеничката на СДСМ од Битола, Бисера Костадиновска – Стојчевска изразила желба да патува за Стразбур како претставник на Собранието на Р.С.Македонија, на вториот дел на редовната сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа и покрај тоа што заради големата трагедија во Кочани во која загинаа 59 лица, шефот на делегацијата Марија Петрушевска известила дека нашата делегација нема да учествува на редовната априлска сесија.
Во официјален документ од 17 март, ден по големата трагедија во Кочани, испратен од нашето Собрание до претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа до Стразбур, Франција, потпишан од шефот на делегацијата Петрушевска, меѓудругото стои –„ Длабоко потресени од страшната трагедија во која животот го загубија 59 млади луѓе, а повеќе од 150 се повредени, ве известуваме дека македонската Делегација нема да учествува на редовната априлска сесија...“, се вели во документот.
Писмото испратено на 17 март, ден по големата трагедија во Кочани (фото фб)
Но, два дена подоцна, во деновите на жалост, испратен е мејл од пратеничката Бисера Костадиновска до службите во Собранието во кој стои – „ Барам да ми се одобри учество на пролетната сесија на ПССЕ во Стразбур од 7 до 11 април.“
Мејлот испратен од Бисера Костадиновска - Стојчевска (фото Фб)
На ова шефот на Делегацијата Марија Петрушевска испраќа нов документ до претседателот на Собранието во кој меѓудругото стои дека пратеничката од Битола и покрај известувањето да не учество на сесијата таа изразила желба да присуствува во Стразбур.
„Со оглед на нејзиното барање ве молам да одобрите нејзино учество на оваа сесија. Трошоците за авионски билети, хотелско сместување, превоз од Собрание, односно хотел до аеродром и обратно, локален јавен транспорт, патничко осигурување , интернет бизнис пакет, роаминг и дневници, според Одлуката за определување на дневници за службени патувања во странство се на сметка на Собрание на Република Северна Македонија.“
Вториот допис од Марија Петрушевска шеф на Делегацијата (Фото фб)
Пратеничката Бисера Костадиновска – Стојчевска во телефонски разговор за АПЛА. мк вели дека уште нема официјално одобрување, дали ќе патува или не. И што е најважно не ги негираше јавно објавените документи на социјалните мрежи, со потпис од Марија Петрушевска шеф на Делагацијата.
„Писмото што е објавено е од шефицата на делегација која што сама донесе одлука дека не треба да патуваме во април на редовната сесија, заради трагедијата во Кочани. Точно. Јас во меѓувреме, бидејќи секој од членовите на Делегација поднесува сам барање да учествува на четирите редовни сесии во една година, си поднесов барање до Секторот за меѓународна соработка, тоа што е редовно. Тоа Марија решила да го преточи во писмо, меѓутоа тоа е пратено до претседателството и јас не знам дали ми е одобрено или не. До мене нема стигнато дали сум одбиена или прифатена“, вели пратеничката Костадиновска – Стојчевска за АПЛА. мк. и нагласи дека „не знае кој е ставот на Собранието и како ќе одлучи и за ова патување“.
Па и откако побаравме поконкретен одговор дали ќе патува ако и го одобрат патувањето, Костадиновска – Стојчевска пак ни кажа – „Не знам, не знам, треба прво да ми одобрат, тоа е редовно четири пати во годината. Тоа не е ништо надвор побарано, од еден пратеник што го работи.“
Пратеничката на СДСМ од Битола Бисера Костадиновска понатаму објаснува –„мислам дека и моментално има пратеници на пат. А во понеделник заминуваат и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ во Америка“, и појаснува дека во Америка нема да патуваат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ од Битола, туку други.
Накрај Костадиновска - Стојчевска потенцира –„Сакам да кажам дека секој пратеник онаму каде што треба да оди, треба да си ја извршува работата.“
Автор Анета Блажевска