АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
По речиси 40 години, Бертолт Брехт, повторно се враќа во Народниот театар во Битола. На големата театарска сцена, во петок на 6 мај премиерно ќе биде изведена претставата „Артуро Уи“ од Брехт во режија на Кендрим Ријани кој рече дека со задоволство режира во Битола во театарот со авангардна естетика .
-Богата е историјата на битолскиот Театар. Тука режирале бројни големи режисери од државата и надвор од неа, своите почетоци ги имале токму во овој театар и затоа среќен сум што сум тука и што го работев Бертолт Брехт во мојата прва претстава на македонски јазик. Претставата „Артуро Уи" е една од најфамозните на 20-от век, поставувана во многу свестски театри, а сега на мое задоволство и во Битола. Цела претстава ја изработивме според „методот" на Брехт и верувам дека публиката ќе ужива во улогите на актерите во претставата, рече режисерот Ријани.
Во претставата „Артуро Уи" настапуваат актерите Илина Чореска, Иван Јерчиќ, Никола Стефанов, Хари Михајловски, Валентина Грамосли, Викторија Степановска Јанкуловска, Никола Пројчевски, Сандра Грибовска, Анастазиа Христовска, Александар Димитровски, Петар Спировски и Александар Стефановски.
-Јас одамна не сум имал толкава задача на сцената, се заблагодарувам на Кендрим, но и на моите колеги кои буквално ме носеа на раце во текот на процесот и во моментите во кои сите на некој начин имавме некави сомнежи, ми го покажуваа патот. Се надевам дека направивме една школска претстава, процес кој ретко се доживува, а се надевам дека и претставата во очите на публиката ќе биде таква, рече Иван Јерчиќ, кој ја игра улогата на Артуро Уи.
Драматург на претставата е Билјана Крајчевска, асистент на режија Јован Ристовски, сценограф Валентин Светозарев, костимограф Благој Мицевски, а композитор Тимор Доми.