Кодификацијата на современиот македонски стандарден јазик се заокружува со основоположничките дела на великанот на македонскиот јазик, Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик.
Од тој момент, македонската азбука и правопис почнуваат да се користат во практиката и се впрегнуваат во секојдневната јазична употреба од сите сфери на животот.
Тестот на писмената практика – македонскиот јазик го положува со највисока оцена. Доказ за тоа се илјадниците дела напишани на македонски јазик со македонска азбука и правопис: и тоа од уметничка литература до врвни научни дела, од разговорен јазик до јазик на општеството, просветата, културата и медиумите. Повеќе од седум децении македонскиот јазик е признат член на светското јазично семејство, на чие истражување работат не само македонските туку и голем број познати странски научници.
Македонскиот јазик е темелот на македонскиот идентитет. Круната на неговата кодификација е 5 мај 1945 г., денот што денес го прославуваме. Иако за првпат е прогласен за службен јазик во нашата држава на 2 август 1944 г., на Првото заседание на АСНОМ, континуитетот во развојот на македонскиот јазик го следиме уште од X-XI век, кога во црковнословенските ракописи се појавуваат првите типично македонски зборови.
Тој развој продолжува низ вековите, со засилено навлегување на македонскиот народен јазик во ракописите од крајот на XVI век. Во XIX век веќе се појавува и јасна свест за посебноста на македонскиот јазик и за неговото место во јазичното семејство на светот, свест што кулминира во делото „За македонските работи“ од Крсте Петков Мисирков, објавено во 1903
Денес им оддаваме почит на сите луѓе, овде и во светот, кои со почит и со љубов се однесуваат кон македонскиот јазик. Денес им оддаваме почит и на сите лингвисти и македонисти што се грижат за унапредување на македонистиката како наука за нашето најголемо, културно и духовно богатство – македонскиот јазик, но и се обврзуваме и понатаму да го чуваме, негуваме, да го афирмираме и да го развиваме како најважен столб на нашиот идентитет и најскапоцено наследство за идните генерации.