Со бројни активности и со свечена академија која се одржа во Киното Манаки, СОУ „Таки Даскало“ Битола го одбележа својот патрон празник 3 Мај.
На свечената академија, настапија ученици од гимназија и од стручното образование, со прекрасни музички изведби во пијано придружба, како и со рецитали на свои оригинални литературни творби, наградени на републички натпревари и публикувани во зборници на творби. Учениците од билингвалните паралелки рецитираа и глумеа на англиски јазик. Акцентот беше ставен на креативноста на учениците, кои со своите изведби, талентот и креативната енергија ја воодушевија публиката и кои покажаа дека со правилен и креативен поттик од наставниците можат да го истакнат и развиват својот талент и да постигнуваат успеси кои ќе им бидат мотив за натамошен развој.
Свое обраќање на свечената академија имаше директорот на училиштето, Ристо Грујовски, кој, меѓу другото, говореше за визијата на училиштето и за поставените приоритети и идни планови. Тој истакна:
- Нашата визија и мисија е СОУ “Таки Даскало“ да биде значаен и респектабилен регионален образовен центар, кој покрај квалитетно гимназиско образование и билингвална македонско-англиска паралелка, ќе понуди и квалитетно стручно образование и образовни профили согласно потребите на бизнис секторот. Покрај квалитетен наставен процес, како приоритети кои си ги поставивме се реализацијата на крупните инфраструктурни проекти. Со средства од МОН, во тек на реализација е комплетната реконструкција на двете спортски сали во училиштето, фискултурната и гимнастичарската сала, соблекувалните, додека со наменска донација од Општината Битола, ќе се направи обиколна дренажа околу спортските сали се уредуваат спортските терени, терен за футсал, кошаркарско игралиште, одбојкарско игралиште, кои ќе бидат заградени со жичена ограда, осветлени со рефлектори, а училишниот двор се поплочува и комплетно ќе биде уреден со нова урбана опрема и хортикултурно уредување. Во план се и други инфраструктурни зафати, проект за засебно загревање на спортските сали, а во процес на апликација се и проекти за добивање грантови од Германската и Јапонската амбасада – истакна Грујовски и додаде:
-Исто така, како еден од приоритетите на училиштето е воведувањето на дуалното образование, што претставува влог во иднината на стручното образование, за што веќе потпишавме и Меморандум за соработка со Печатницата “Киро Дандаро“ за дуална паралелка во графичката струка, како и Меморандум за соработка за дуално образование и со Печатницата “Фустеларко Борец“. Во наредниот период планираме да воведеме дуално образование и во другите струки, што ќе овозможи учениците да стекнат стручни компетенции и практична работа кај работодавач, да бидат препознаени од работодавачите и да бидат вработени во компаниите – рече Грујовски.
Покрај богатиот музички и рецитаторски дел, на свечената академија, беше промовиран и дел од радиодрамата на англиски јазик која ја подготвија учениците од билингвалните паралелки, во соработка со Американското катче, а која е снимена и на цеде и ќе биде промовирана пред пошироката јавност.
Учениците-графичари поставија изложба “Уметничка графика – сува игла“ и на присутните им поделија примероци од новиот број на училишното списание “ГРСТ“. Графичарите свој придонес дадоа и со техничката обработка на училишното списание и дизајнот на нови маички за училиштето.
Учениците од училишната сообраќајна единица подарија тефтерчиња со пораки за безбедноста на пешаците изработени во соработка со учениците од графичката струка, а како дел од кампањата на Републичкиот совет за безбедност на патиштата наменета за пешаците.
Како дел од програмата беше и модниот еко перформанс за одржлива мода, во кој беа презентирани модели, од еколошки рециклирани материјали, боени и печатени со природни бои и со модни додатоци изработени од рециклиран материјал, изработени рачно од учениците од текстилната струка.
Во рамките на чествувањата на патронот, претходно делегација, предводена од директорот на Училиштето, Ристо Грујовски, положи и свежо цвеќе пред бистата на Таки Даскало, во Градскиот парк, каде му оддадоа почест по повод 80-годишнината од неговата херојска смрт.
Текст и фото:
Марија Младеновска-Димитровска