Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски и Професор д-р Огнен Марина декан на Архитектонски факултет при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, денес потпишаа Меморандум за соработка со кој, општината и факултетот ќе воспостават партнерство за клучни прашања во областа на архитектурата, урбанизмот, одржливиот развој и културното наследство.
Заедничката соработка помеѓу страните потписници, опфатена со овој Меморандум, подразбира взаемна помош, поддршка и услуги при изготвување, раководење и реализација на заеднички проекти и сите планови и активности и иницијативи што ќе го поттикнуваат локалниот и регионалниот развој.
После потпишувањето на меморандумот, градоначалникот Коњановски, заедно со претставници од работната група од општина Битола, која е задолжена за изготвување на новиот ГУП на општината, присуствуваа на предавањето на реномираниот м-р Џовани М. Ботини, претседател на управниот одбор и директор на „Систематика“, компанија од Милано, Италија, која има децениски искуство во изработка на современи сообраќајни модели и решенија, студии, анализи и транспортни планови кои се движат од национални транспортни системи во повеќе држави во светот, низ сообраќајни планови за одржлива урбана мобилност до сообраќајни решениjа во соработка со реномирани светски архитекти.