АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Конференција „Справување со дезинформации во Република Северна Македонија“ На ден 31 мај 2022 во Скопје, се одржа конференцијата „Справување со дезинформации во Република Северна Македонија“ организирана од страна на Фондацијата Метаморфозис, а посветена на градење мулти-секторски пристап за решавање на проблемот со дезинформации преку заеднички ангажман на државните институции, независните медиуми, граѓанските организации, академската заедница и приватниот сектор.
Конференцијата ја отвори претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, кој изјави: „Филтрирањето на личните и спротивните мислења придонесуваат за вкоренување на одредени предрасуди и вредности со што се зголемува недовербата и се продлабочуваат поделбите во општеството“. Пендаровски во својот говор додаде дека дезинформациите имаат цел да создадат страв, а и најголемиот проблем кој го предизвикуваат дезинформациите е сè почестата појава на сомнежи во мислењето на науката и експертското знаење што ја доведува во прашање објективната вистина на глобално ниво.
Во своето воведно видео – обраќање премерот на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски се заложи дека Владата, а и тој лично, сите препораки од конференцијата ќе ги сметаат како суштински придонес во создавањето на мултисекторски пристап за соодветен одговор на заканите и последиците што ги предизвикуваат дезинформациите. Свои воведни обраќања имаа и Вукашин Петровиќ, раководител на програмата Фонд за пристап до информации, ДТ Институт, Фани Каранфилова Пановска, извршна директорка на Фондација Отворено општество – Македонија и Бардил Јашари, извршен директор на Фондацијата „Метаморфозис“.
Настанот се состоеше од две работни сесии. На првата сесија говорниците ги претставија и дискутираа за резултатите од тековните истражувања за состојбите со цел подобро разбирање на контекстот. Говорници во првата сесија беа Катарина Синадиновска, претседател на УО, Совет за етика во медиумите – СЕММ, Ѓорѓи Митревски, истражувач, Андреја Стојковски, извршен директор Преспа институт, Росана Алексоска, менаџерка на проектот „Борба против лажни наративи“, Граѓанска асоцијација МОСТ, а сесијата ја модерираше Филип Стојановски, Директор за партнерство и развој на ресурси на Фондација „Метаморфозис“.
Говорниците на втората сесија - Maрјан Забрчанец, национален координатор за Отворен Балкан и за регионални иницијативи при Владата на РСМ, Драган Секуловски, извршен директор, Здружение на новинарите на Македонија – ЗНМ, Михајло Лахтов, директор на Проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“, Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ, дискутираа за препораките и наредните чекори на различните општествени чинители со цел заедничко спротивставување на штетните влијанија насочени против развојот на демократијата и интегративните процеси. Сесијата ја модерираше Елида Зилбеари, уредничка на „Порталб“.
Конференцијата обезбеди платформа за дискусија меѓу чинителите кои работат на развој на демократијата преку борба против дезинформациите и унапредување на слободата на изразување, овозможувајќи нивно вмрежување и споделување искуства. Учесниците се согласија дека постои потреба од широка општествена акција преку која сите засегнати страни во рамките на своите надлежности и компетенции, ќе може да даде придонес во решавањето на предизвиците предизвикани од странските антидемократски влијанија, спроведувањето на реформите кои се дел од процесот на интеграција во Европската Унија, како и недоразбирањата кои спречувале заедничка активност меѓу чинителите од земјата. Како еден од првите чекори кон креирање таков пристап, претставникот на Владата на РСМ Марјан Забрчанец ја посочи иницијативата за креирање на Национална стратегија за справување со дезинформации, која произлезе од консултативниот процес кој доведе до конференцијата. Извршниот директор на ЗНМ Драган Секуловски дополнителн истакна дека градењето јавни политики во оваа сфера треба да продолжи преку инклузивен процес заснован на широка јавна дебата преку која ќе се надминат различните видови предизвици.