2win800x200

Почнува рушењето гаражи во центарот на Битола за нов паркинг- револт кај битолчани

Август 13, 2022

БИТОЛА – Следната работна недела почнува рушењето на гаражите во строгиот центар во Битола, зад поранешната зграда „ЈАТ“. Ваквата намера на локалната власт во Битола, ги револтира станарите од околните згради и куќи, кои најавуваат дека ќе се спротивстават.

 

https://nezavisen.mk/pochnuva-rushenjeto-garazhi-vo-centarot-na-bitola-za-nov-parking-revolt-kaj-bitolchani/

Одлуката помина на седница на Совет во мај годинава, и уште тогаш ја разбранува јавноста. На овој простор Општината планира да гради паркинг, да уредува, ама како, засега јавноста нема јасна слика. Станува збор за простор од околу 1.500 метри квадратни, каде во мај годинава се исечени дузина дрвја. На оваа локација која е во срцето на градот, сега има гаражи, но според проект од 2012 година таму требало да се гради катна гаража. Просторот има пристап од Широк Сокак кај хотелот „Епинал“ и од обновената амбиентална улица „Рузвелтова“, ново поплочена и уредена.

Од Општина Битола за „Независен“ велат дека во досегашниот период, се што се работи на локацијата е според закон, со одлука на Советот за изведување на градежни работи за рушење на постоечки објекти.

„Општинскиот Инспекторат во досегашниот период ги презеде потребните мерки и ги извести станарите за постапките кои ќе следуваат. Со овие активности, завршени се потребните законски процедури, при што од идната недела предвидено е да започне отстранувањето на гаражите кај поранешно „ЈАТ“, со што ќе бидат создадени услови за уредување на просторот“, велат од Општината и напоменуваат – просторот не е во сопственост на зградата „ЈАТ“, односно станарите, како и сопствениците на околните куќи.

Така „Општина Битола, во соработка со ЈП за паркирање, ќе понуди долгорочно прифатливо решение за станарите со кое истите ќе добијат можност за користење на овој простор за паркирање на своите возила, а истовремено јавната површина ќе добие соодветно уредување, нов урбан простор, како што доликува за централното градско подрачје“, стои во одговорот на општината за „Независен“.

Но, станарите и корисници на гаражите не мислат вака. Тие тврдат дека со изградба на катна гаража, паркинг или било какво сообраќајно решение ќе се наруши мирот на станарите од околните згради и куќи, а ќе се зголеми и загадувањето на воздухот.

„Бевме на состанок кај градоначалникот и договорот беше да се понуди решение за просторот кај гаражите, кое ќе ги опфати интересите на граѓаните од околните згради и куќи и дека ќе бидеме вклучени во изработката на самото решение, сѐ со цел да се задоволи јавниот интерес. Оттогаш немаме никаков одговор. Се сомневаме во нивната намера и искреност, бидејќи истите сакаат да спроведат решение без знаење на станарите. Напоменуваме дека ќе се спротивставиме на било какво рушење на гаражи, без притоа да се земат во предвид интересите на граѓаните“, велат станари од зградата „ЈАТ“.

Експертите за сообраќај од Техничкиот факултет во Битола сметаат дека квалитетните сообраќајни решенија се производ на еден процес на континуирано урбанистичкото и сообраќајно планирање – што пак, не е случај и при овој обид за делумна реализација на ДУП-от за „Централно градско подрачје 3 дел БЛОК 10 и 16“ со намера за изградба на паркинг гаража со 2 подземни и 3 надземни нивоа, позади „ЈАТ“.

Впрочем, овој детален урбанистички план е на сила од 2012 година, од времето на екс градоначалникот Владимир Талески, изобилува со културно историски заштитени и незаштитени објекти (добра), а Законот за прогласување на Старото градско јадро на Битола за културно наследство од особено значење е на сила од 2015 година, па за реализација на овој План мора да се постигне усогласување со заштитно конзерваторските услови кои ги носи Управата за заштита на културното наследство.

„Точно е дека е тоа постапка која го обременува процесот, меѓутоа за таа цел во периодот 2019-2020 година, е изработено идејно решение врз основа на парцијална сообраќајна студија која дава насоки за решавање и на проблемот со паркирањето во тој дел од централното градско подрачје и за безбедноста и мобилноста на учесниците во сообраќајот воопшто, но, за жал непочитувањето на претходно изработените решенија е одлика на оваа локална власт, смета проф. д-р Јасмина Буневска-Талевска, експерт по сообраќајно инженерство и проектирање, и советник во Советот на Општина Битола.

Професорката смета дека „непочитувањето на континуитетот и не постапувањето по веќе изработените и усвоени решенија, е доказ за лукративните намери на локалната власт, за непочитувањето на јавниот интерес и на интегритетот на станарите од „ЈАТ“ со тоа што ќе им бидат нарушени условите за живеење, пристапот до домовите, а ќе биде отежнат и пристапот за специјалните возила што ќе ја ограничи и нивната безбедност“.

За Буневска- Талевска, индикативно е што во ниту една од релевантните Програми на општина Битола не е предвидена изградба на паркинг гаража, па таа отворено вели дека „начинот на кој се започнаа активностите е крајно сомнителен“.

Според неа, како експерт, еден од клучните услови кој влијае на квалитетот на одвивање на сообраќајот во градот е секако организацијата на сообраќајот во мирување – 90 отсто од времето патничките возила го минуваат паркирани – затоа, обезбедувањето на соодветен паркинг простор е од исклучително значење за непречено функционирање на системот на сообраќајот во градот, а паралелно, од аспект на одржливост и хумано живеење е потребно оплеменување на јавните простори со зеленило и урбана опрема, што за конкретната локација која претставува изградена станбена целина за која во времето на градење важеле други нормативи, би значело површинско паркирање, со партерно уредување и урбана опрема.

„Точно е, повеќеетажните гаражи стануваат сѐ почест начин на решавање на паркирањето и кај нас, не само во централните градски делови, туку и во станбените делови со висока густина и интензитет на изграденост, но, од исклучителна важност е изборот на типот на повеќеетажна гаража и правилната диспозиција на паркинг местата, што за конкретната локација значи лоша прегледност поради непостоењето на заштитно растојание помеѓу рампите и зградите и од сите причини кои претходно ги наведов, според мене е неоправдана изградба“, смета професорката Буневска-Талевска.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани