АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
На денешен ден, 12 септември 1942
Од буграската фашистичка окупаторска полиција е убиен Димитар /Мите/ БОГОЕВСКИ, истакнат припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија. Роден е во селото Болно, Ресенско, на 31 октомври 1919 г. Основно училиште заврши во родното село, прогимназија во Ресен во 1935 г., а учеше и во Трговската академија во Битола во периодот од 1935 до 1937 г. Поет, кој уште во училишните денови во Ресен ги напиша првите песни на македонски јазик. Во Трговската академија во Битола во 1937 г. стана член на југословенската младинска комунистичка организација СКОЈ. Истовремено е член на управата на Литературната дружина „Иван Гундулиќ“. Како студент на Високата комерцијална школа на Белградскиот универзитет стана и член на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ) во 1939 г. Поради недостиг на материјални средства е принуден да се врати во родното село во 1940 г. и таму е член на Месниот комитет на КПЈ за Ресен. Уапсен е од српската полиција во Битола на 16 септември 1940 г. и спроведен во затворот Главњача. По бугарската фашистичка окупација извесно време работи во Општината во селото Јанковец, а е еден од главните организаторите на антиокупаторската и антифашистичка борба во Преспанско. Од 1941 г. е секретар на Околискиот комитет на КПЈ за Преспа и дејствува како илегалец. Учествува во формирањето на Партизанскиот одред „Даме Груев“. Загина во борба со бугарската полиција, заедно со народниот херој Стеван Наумов-Стив. Бугарската полиција овие македонски патриоти првин ги погреба во два гроба, потоа ги откопа и ги пренесе кај селската црква, а од тука, потајно, ги однесе кај селото Ѓавато и ги запалиле со бензин. Нивните гробови до денес не е познато каде се наоѓаат. Прогласен е за народен херој на Југославија на 2 август 1949 г.