АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Со двете балетски претстави: „Кармен“ и „Валпургиска ноќ“ во изведба на уметниците од Националната опера и балет, синоќа во Битола почна 31 издание на Интернационалниот фестивал на класична музика „Интерфест“. Фестивалот го отвори градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој нагласи дека локалната самоуправа, продолжува да биде поддржувач на овој значаен фестивал на кој гостуваат врвни музички имиња од целиот свет.
„Годинава, на 31 издание на фестивалот очекуваме дека учесниците од Србија, Австрија, Италија, Унгарија, Турција и Германија, ќе заминат со импресии за битолската култура, за прекрасната концертна сала во Офицерскиот дом со најубавата акустика, која за првпат годинава се става во функција на извдба на концертните настапи кои се дел од „Интерфест“.
Неуморноста на брачниот пар Шперовиќ-Рибарски и годинава е бедемот на организационите настани и концерти на фестивалот, кои креирајќи една прекрасна програма, ја вклучуваат и изведбата на театарската претстава „Демони“, а фестивалот го збогатуваат и со поетска вечер и ликовна изложба. Со оваа програма, се овозможува да допре до нас звукот на пијаното, харфата, трубата, виолината, виолата, гитарата, зачинети со убавиот изговорен збор, надополнет со визијата на уметникот, изразена на платно“, рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски во своето обраќање.
Вечерва, „Интерфест“, продолжува во Офицерскиот дом со ликовната изложба „Пат за Дихово“ и рецитал на Мерсиха Шукри. Фестивалската програма ќе трае до 12 октомври.