Со цел транспарентно распоредување на буџетските средства, во соработка со граѓаните на општината, вчера во Битола, се одржа првата форумска сесија на која покрај раководителите од општинската администрација, присуствуваа и претставниците на месните и урбаните заедници, здруженијата кои функционираат во општината и сите граѓани кои сакаат да учествуваат во креирањето на општинскиот буџет.
На денешната
прва форумска сесија, беа дефинирани програмите, во кои на следните две сесии ќе бидат разработени конкретни предлози, за кои учесниците ќе гласаат на последната – четврта форумска сесија. На овој начин се овозможува и партиципативно граѓанско учество во креирањето и реализацијата на општинските програми и стратешки планови.
Ваков пристап во изработката на буџетот, општината воведува првпат, а градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, посакувајќи им успешна работа на учесниците им се заблагодари за интересот и нагласи дека само на овој начин, ќе се овозможи соодветно планирање и реализација, согласно потребите на граѓаните во општината.
„Посебно ме радува фактот, што од денес сите заедно можеме да отпочниме еден процес, во кој заеднички ќе ги дефинираме проектите кои треба да донесат подобра слика за Битола. Јас, како градоначалник, исто така, сум еден од Вас, жител на оваа општина кој се соочува со истите проблеми како и Вие, но само со заеднички концепт, можеме да донесеме добри одлуки и да започнеме подготовка и реализација на проекти, кои ќе водат кон напредок.
Тоа што општината од 2018 година, нема важечка стратегија за локален развој, го прави уште поголем предизвикот да започнеме со подготовка за реализација на нашата визија за Битола, затоа што, ниту еден проблем за жал неможе да биде решен преку ноќ.
За да можеме да се соочиме со предизвиците, да ги надминеме проблемите и да создадеме нови резултати, мора да постои проектна документација, одобрение за градење, како и одреден буџет до комплетно завршување на проектот.
Токму затоа, како жител на општина Битола, секојдневно соочувајќи се со различни ситуации и во постојана комуникација со граѓаните, на локалните избори, излегов со програма, од која произлегуваат проекти, кои ќе овозможат решавање на најгорливите проблеми. Некои од тие проекти веќе се реализираат, а некои се во фаза на изготвување на документација. Стратешкото планирање, го вклучува токму тоа, да градиме, но и да имаме готови проекти, кои ќе се реализираат со одредена динамика“, рече меѓудругото градоначалникот Коњановски во своето обраќање пред присутните.
Присутните на денешната форумска сесија, како приоритетни програми во кои на следните сесии ќе се разработуваат предлозите, ги избраа програмата за урбанистичко планирање, развојната програма, програмата за уредување на градежно земјиште, програмата за локален економски развој, програмата за животна средина, како и програмите за социјална заштита, образование, спорт и млади и програмата за култура.