АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Изготвување на Стратегија за локален економски развој, објавен јавен за работно ангажирање на 16 невработени лица за јавни работи, објавен повик за универзитетска пракса, објавен повик за подобрување на инфраструктурата во домовите на лицата со попреченост, вклучување на лицата со попреченост во спортски и културни настани, како и организација на Саем за кариера и вработување, ова се дел од проектните активности кои ги започна општината, а беа иницирани и поддржани од страна на членовите на Локалниот економско социјален совет.
На денешната трета седница, претседавачот Гордана Балтовска, информираше дека на овој начин и преку изготвувањето на акцискиот план, ЛЕСС продолжува со континуирана работа, преку која успешно се поврзува функционирањето на општината, Советот, работодавачите и синдикатите со невладиниот сектор, образовниот сектор, стопанската и занаетчиската комора и останатите релевантни институции во општината кои можат да придонесат за подобрување на условите во општината.
На седницата, беше нагласено дека, во месец април, за првпат ќе се организира Саем за кариера и вработување, како една организирана форма, партнерство и вмрежување помеѓу Универзитетот, општината преку ЛЕСС, невладиниот сектор, Центарот за вработување и Стопанската комора. Ваквата организираност, претставува начин на кој младите ќе можат да се информираат за идните перспективи за професионален развој во делот на образованието, но и можностите за вработување.
Во врска со изработката на Стратегијата за локален економски развој, заменик претседавачот на ЛЕСС, Борче Димитровски, информираше дека, иако овој документ во општината недостасува од 2018 година, сега локалната самоуправа со поддршка од УСАИД, во соработка со ЛЕСС и другите релевантни институции е во напредна фаза на изработка и се очекува истата да биде финализирана до месец јуни. Димитровски ги повика, сите претставници на ЛЕСС, да извршат детален увид на подготвените материјали и да дадат свои предлози и сугестии кои ќе бидат дел од конечниот документ и стратешко планирање на општината за следниот петгодишен период.
Од страна на претставникот на Македонското научно друштво и претставниците на граѓанскиот сектор, беше потенцирана добрата соработка на локалната самоуправа со граѓанските организации, а од страна на претставникот на ССМ, исто така беше потенцирано успешното работење на ЛЕСС Битола, како пример на успешност и функционалност на државно ниво.
Во функција на добрата соработка и транспарентноста, изготвениот извештај за работата на ЛЕСС и акцискиот план, ќе бидат доставени за разгледување и усвојување од страна на Советот на општина Битола.