АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Големите инфраструктурни проекти, за кои општините имаат потреба од финансиска поддршка од Европски и меѓународни фондови, треба да произлегуваат од потребите на граѓаните и барањата за економски напредок на општината. Проектите самипо себе се огромен предизвик и како такви треба да бидат добро осмислени, да постои координираност помеѓу локалната самоуправа и централната власт, но и да се обезбеди одржливост на реализираната инвестиција. Овие прашања беа во фокусот на настапот што градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски,го имаше на Панел дискусијата : „Дијалог за јавни политики за спроведување големи инфраструктурни проекти “ што се одржа на 5 април во Куќата на Европа во Скопје.
Градоначалникот како единствен претставник на локалната власт, ги претстави своите гледишта на првата сесија насловена: Како општините да ги „жнеат придобивките“, а да не ги „трпат последиците“ од големите инфраструктурни проекти?
Пред останатите панелисти, преставници на централните институции, министерствата и други организации и асоцијации, како и пред бројната публика, тој зборуваше за позитивните и негативните примери на искуства и добри и помалку добри практики кои ја отсликуваат целокупната артикулација на релациите помеѓу централната и локалната власт во делот на проектната соработка, коорднација и информација.За позитивен пример беше посочена реализацијата на проектот „Изградба на пречистителна станица и реконструкција и надградба на канализационата мрежа во Општина Битола”. Овој проект којшто е во фаза на евалуација и во кој активно е вклучена општинската администрација, предвидува решавање на проблемот со отпадните води како и излевањето на канализацијата на повеќе локации во градот.
Дополнително , во овој контекст на добри практики, како пример за одржливост, беше посочен проектот за ставање во функција на Офицерскиот дом, којшто оваа локална самоуправа успешно го раководи во насока на развој и промоција на културните вредности на Битола.
Наспроти овие примери, градоначалникот Коњановски гоистакна проектот за реконструкција на железничката пруга и нејзиното ставање во употреба со воз кој сообраќа до Жабени, за што општината беше само писмено известена, како пример за проект за кој беше потребно да се направат дополнителни анализи за потребите и придобивките, а пред се и да биде консултирана локалната самоуправа и бизнис заедницата. Долгогодишниот период за реализација на овој проект и непредвидувањето на евентуалните промени на состојбите, отвораат многу дилеми и прашања: Дали постојат услови за железничко поврзување со Грција? Дали железничкиот сообраќај може да одговори на потребите на деловните субјекти во индустриската зона?, а со тоа и кои се придобивките од самиот проект за Битола?
На панел дискусијата, говореа амбасадорот на Република Франција, Сирил Бомгартнер, амбасадорот на Европската Унија во Скопје, Стефен Худолин од Делегацијата на ЕУ, УНДП, Македонскиот центар за меѓународна соработка, Министерството за транспорт и врски и ЗЕЛС. Дијалогот за јавни политики за спроведување големи инфраструктурни проекти беше успешно организиран од страна на Асоцијацијата ЕСТИМА, во соработка со Француската амбасада, а на настанот беше претставена и публикацијата „Подобро управување со инвестициите во инфраструктура – факторот инклузивност“, во која е ставен акцент на поголемо вклучување на единиците за локална самоуправа и граѓанските организации во спроведувањето на големи инфраструктурни проекти.