Градоначалникот Тони Коњановски со обраќање до битолчани околу изградбата на булеварскиот влез на градот од страната на Прилеп
Почитувани битолчанки и битолчани,
Години наназад една од најголемите критики за нашиот град е неосветлениот, небезбеден и несоодветен влез на градот од страната на Скопје/Прилеп. Оваа критика доаѓа пред се од нас, луѓето кои живееме тука, но и од бројните гости од другите градови, но и од странство, за кои прв впечаток е токму влезот во градот. Затоа заедно со мојот тим, стручните лица во Општината, јавното претпријатие за урбанизам, изготвивме решение за булеварски влез во градот, согласно важечките закони и урбанистички правилници и согласно урбанистичката документација. Изработивме проект за инфраструктура и основни проекти за фазите - водовод, канализација, осветлување, коловоз и сообраќаен проект за траен режим. Понатаму спроведовме постапки за експропријација за деловите од трасата кои беа во приватна сопственост. Избран е изведувач и од минатиот јули истиот е воведен во работа. Сега се наоѓаме на 1/3 од целосна реализација на првата фаза од овој значаен проект за Битола, првите 800 метри, со кои ќе се оформи современ булеварски влез, со пешачки патеки, велосипедски патеки од двете страни, зеленило и дрвореди и разделник помеѓу лентите кои водат до градот и надвор од него.
Како градоначалник, но пред се како човек, го имам целосното разбирање за тоа дека не можеме сите да бидеме задоволни од промените, бидејќи има луѓе, наши сограѓани кои се засегнати во делот на бизнисите кои ги работат на овој дел од градот и луѓе кои живеат во непосредна близина на влезот во Битола. Затоа најпрво ги уверувам, а истото сум го кажал во бројните средби со нив и во Општината, но и на лице место, дека ќе направиме се за да тој дел од градот функционира. Но најважно е да напоменам дека се што се прави и ќе се прави е согласно Закон, а најважна е безбедноста на пешаците и возачите. Сообраќајното решение што се гради согласно закон не е во прилог само на жителите од населбата во близина на улицата, туку се работи за сообраќајно решение кое ќе ги унапреди состојбите за сите корисници на улицата, односно за сите жители на Битола и оние што го посетуваат градот. Треба исто така да се земе во предвид соодветноста на намените согласно урбанистичката документација, бидејќи во овој дел од градот не се предвидени деловни намени, туку се работи за зони за станбено колективно и индивидуално домување, како и спорт и рекреација кои се делумно реализирани или воопшто не се реализирани согласно урбанистичките параметри. Исто така, голем дел од објектите се бесправно изградени градби, кои немаат обезбедено сообраќаен приклучок. Оние градби кои се изградени согласно одобрение за градење, во проектната документација е утврден сообраќаен приклучок од секундарна сообраќајна мрежа, а не од магистралната улица, за што Општината презема интензивни активности за реализација на истата каде што не е реализирана. Бесправно изградените градби и градбите со стекнат правен статус врз основа на Законот за легализација не смее да ги држат во заложништво безбедноста во сообраќајот, ниту изгледот на влезот во Битола. Во текот на целиот процес се водиме од сите овие показатели со цел дефинирање на соодветни решенија во интерес на сите нас. На крај би сакал да напоменам дека по ниту еден законски пропис не е дозволен излез и влез директно од магистрална улица, што истовремено покрај што е противзаконски е и крајно небезбедно.
Затоа, денес ја продолжувам комуникацијата со нашите сограѓани кои изразуваат незадоволство од изградбата на современ булеварски влез во Битола и ќе повикам претставници од нив со кои јасно и разумно ќе ги согледаме решенијата кои согласно Закон гарантираат безбедност и сигурност за сите граѓани.