
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Интернистот д-р Васил Чипуровски од вчера работи на Интерното одделение во Клиничката болница Битола, соопшти директорката Ненси Лозанче. Доктор Чипуровски од 2019 година имаше своја приватна ординација во Битола, но се реши да биде дел од државното здравство.
„Во услови кога во Клиничката болница има недостаток на готов специјалистички кадар и повеќе од добредојдени се специјалисти со повеќе годишно искуство што претставува придобивка за медицинскиот персонал, а најповеќе за пациентите“ изјави д-р Ненси Лозанче, директор на Клиничката болница Битола.
Во Битолската болница од вчера работи и д-р Зоран Литовски специјалист дерматовенеролог.
Претходно познат лекар од приватната клиничката болница „Аџибадем Систина“ од Скопје стана дел од тимот на Битолската клиничка болница и веќе го води Инфективното одделение во Битола. Д-р Хараламбос Сидиропулос, специјалист по инфектологија е лекарот кој повторного врати во функција Инфективното одделение во Битолската болница, откако установата остана без специјалист пред речиси две години.
Како и во цела Македонија што недостига кадар од лекари специјалисти, така и Битолската болница се соочува со тој проблем, а директорката д-р Лозанче ветува ново екипирање од лекари специјалисти.
„Наследивме очајна состојба во недостиг на персонал и заради тоа нашиот напор е да се вратат лекарите кои се веќе пратени на специјализација, во нашата болница. Во претходниот месец се вратија ортопед, двајца уролози, психијатар, хирург. Во наредниот период ќе има враќање и на други лекари, а истовремено ќе се реализираат и вработувањата на нови кадри. Двајца општи доктори добија специјализации. Во тек е и конкурсот за прием на приватните специјализанти, согласно заложбите на Владата. Тринаесет приватни специјализанти аплицираа за прием во Клиничка болница Битола, состојбата е далеку од добра, но со искрена желба и добро разработен план за реализација, ќе се подобрува состојбата за подобар третман на пациентите од регионот“, изјави д-р Лозанче неодамна за АПЛА.мк.