АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Изминатиот винекд, на 9 април, во Градскиот Парк во Скопје, се одржа „Шри Чинмој Маратон на Себенадминување“. Станува збор за само еден од двата маратони (42,2 км) кои се одржуваат во нашата држава, секако покрај далеку попознатиот „Виз Ер Маратон Скопје“. Ова година на маратонската трка учество зедоа и двајца наши сограѓани кои настапија под неформално име „Битолски Бавни Тркачи“. Тие не само што ја совладаја атлетската, а воедно и олимписка дисциплина, туку постигнаа и забележителни лични и одлични резултати на трката во однос на останатите конкуренти. Двајцата во духот на самата трка, дефинитивно успеаа да се себенадминат. Имено, Марко Велјановски го освои високото трето место и второ во конкуренција 40+, пробивајки ја магичната временска рамка од 3 часа, со време од 2:58:50, на својот 6-ти истрчан маратон, додека Методиј Богоевски го зазеде четвртото место, на својот прв сефте маратон, со одлични 3:03:10, во доста јака конкуренција. Зад нив се бројни полумаратони, трки на 10 км, 5 км и планински трки, во неколку годишното нивно искуство. Мотивацијата за долгите трки ја црпеа од Љупчо Стојановски (Тренерот), кој воедно е и кумот на ББТ, и причината и мотивацијата да се почни со поредовни и посоодветни тренинзи, несебично споделувајки ги тајните на долгите патеки. Неговите резултати им беа најголема мотивација за тоа дека можат. Тој за жал, поради повреди моментално не е активен, но го чекаат неговото вракање што поскоро. Самиот бренд ББТ е создаден со цел несебично да им го пренесат нивното лично искуство на идните тркачи, кои сакаат да си ги подобрат своите резултати преку заедничко дружење. И покрај тоа што не се работи за професионален атлетски клуб, преку заедничко залагање и упорност може да се достигнат своите цели а пример за тоа се и тие самите. Едноставно тие се вљубеници на долгите и средни патеки и борци со временските препреки и предизвици. Ништо не се случува преку ден, но секојдневното залагање си ги носи посакуваните резултати. Идејата беше секојдневниот тренинг да се претвори во поинтересно и повозбудливо чувство на изминување на секој километар, како би ги заборавиле болките и грчевите. Тие веруват дека работата во група од неколку тркачи е помотивирачка и дека така учат повеќе еден од друг. Целта им е да ги мотивират сите оние кои почнуват да не се откажат, да продолжат и покрај тоа што не можиме да се пофалиме со некој посебни услови за тренинг. Можеби во иднина ББТ ќе прерасни во еден вид големо тркачко спортско семејство и пример за еден здрав начин на живот, за нешто добро што се случува во градот, каде битолчани ќе имаат што да покажат. На крај тие ќе речат: Ако можеме ние, можете и Вие. Ви стоиме на располагање да ги рушиме границите на невозможното. Заедно можеме повеќе, ова не е натпревар ова е себенадминување.