АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
97 планинари од Битола и Скопје, минатата недела се искачија на највисокиот врв на Балканот, Мусала, со 2925мнв, кој се наоѓа на планината Рила во близина на зимскиот центар Боровец. Според многумина името на врвот значи "место за молитва" или "врв за молитва". Планинарската акција за искачување на Мусала, беше во организација на ПСК Олимпус Монс од Битола и ТА Турист од Битола.
„Искачувањето беше планирано да се одвива по една од најпристапните патеки за зимски услови на искачување на врвот, но поради користењето на гондолата, за патеката на релација Јастребец - Мусала - Јастребец, со вкупна должина од 12km и 600m искачување имавме временска рамка од само 7 часа. 08:30 - со гондолата на релација Боровец - Јастребец во должина од 4827 метри се упативме до врвот Јастребец на 2369мнв. Календарски искачувањето не беше во зима, но веднаш после пристигнувањето на Јастребец, јасно беше дека движењето по патеката и финалното искачување на врвот ќе се одвиваат во отежнати зимски услови. Најголемиот дел од предвидената патека на движење, беше прекриена со нов снег кој паѓал во текот на ноќта до рано изутрина. За околу 50 минути, после нецели 3km сите 97 учесници, движејќи се во една група, пристигнаа до Планинарскиот дом Мусала на 2388 мнв. После 20 минутна пауза се упативме кон Планинарскиот дом Ледено Езеро на 2730мнв. по патека во должина од околу 2km и нецели 400m искачување и тука ги ги правиме последните подготовки за искачување на врвот“ вели Иванчо Тошевски, претседател на Олимпус Монс.
Во исклучително тешки временските услови, со интензивни врнежи од снег, ветер од околу 40km/h, и видливост од 10m, експедицијата продолжува да го освојува врвот.
„Конечната одлука за искачување на врвот на целата група, ја носи Влатко Крбалески - првиот водич на групата, затоа што во тие моменти екипата на Олимпус Монс ја има на располагање поддршката и искуството на двајца планинари од Битола, учесници на турата, Јоцо Смилевски и Ивица Митровски.Следат последните, најстрмни и најризични 700 метри должина и совладување на 190мнв. Врвот го искачија вкупно 91 учесник од кои 35 жени. Најмладиот учесник имаше 20 години, а највозрасниот 70 години. Најмладата меѓу жените беше на возраст од 21 година, највозрасната учесничка имаше 59 години. Најважно од се, за нас како Олимпус Монс, беше тоа што сите учесници на планинарската акција, се вратија назад без ниту една повреда и во добра општа здравствена состојба. За искачување на Мусала, како дел од помала група со поволни временски услови не е потребен некој поголем физички напор. Но, кога групата брои 97 учесници, и кога временските услови се крајно неповолни, со снежна виулица, ветер од 40km/h, видливост од 10m, и временска рамка од само 7 часа, тогаш имаме сосема поинаква ситуација. Според официјални лица од Ски центарот Боровец, ова е најголемата самостојно организирана група која успеала успешно да го искачи врвот. Иако временските прогнози, до пред само поаѓање за врвот, говореа дека не очекуваат многу поповолни временски услови, сепак на терен се соочивме со нешто сосема поинакво“, додава Тошевски