АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Интегрална изјава за проблемот со бездомните кучиња од денешната прес конференција на градоначалникот Тони Коњановски
Одлуката за привремено враќање на шинтерската служба е невозможно да се спроведе, а доколку пак се насочиме на нејзино спроведување, тогаш наместо на обезбедување документација и лиценца од Агенцијата за храна и ветеринарство за новото прифатилиште на што веќе работиме, треба да се насочиме на создавање услови во ЈП Комуналец.
Накратко, ќе потсетам на долги години во кои здруженијата се жалеа на нехуман третман на бездомните животни, несоодветни услови во зоолошката градина и местата каде се сместуваа животните, се додека шинтерската служба ја водеше јавното претпријатие, при што се делуваше спротивно на Законот за заштита и благосотојба на животните, донесен во 2014 година, вклучувајќи ги и измените од 2015 и 2016 година.
Општина Битола (градоначалникот) не врши собирање на бездомни кучиња во прифатилишта одобрени од Агенцијата за храна и ветеринарство, а таквите прифатилишта можат да бидат основани од самата општина или пак општина Битола да склучи договор со одобрено прифатилиште од АХВ основано од друго правно лице.
Спротивно на член 29 став 1 од Законот за заштита и благосостојба на животните, градоначалникот вршел стационирање/згрижување на бездомните животни во неодобрено прифатилиште од АХВ, согласно истиот закон. Со истото, одговорното лице во правното лце – градоначалникот стори прекршок за што согласно одредбите од член 66 став 1 точка 49 и член 5 од Законот за заштита и благосостојба на животните, предвидена е глоба во износ од 30% од одмерената глоба за правното лице од ставот 1 на овој член.
Ова е прекршочниот платен налог со кој претходната градоначалничка, врз основа на претходно наведеното беше задолжена да плати глоба за прекршокот.
Така дејствуваше шинтерската служба, кучињата и лавовите беа соседи, а општината не ги исполнуваше условите за заловување, транспорт, третман, соодветни кафези и услови за бездомните животни.
Бараат ли советниците од СДСМ преодно решение со нехуман третман на животните?
Тоа не го дозволив во ниту еден момент, а нема да го дозволам и понатаму.
Веднаш по моето доаѓање, имајќи ги предвид укажувањата од АХВ, во март 2022 година склучивме договор со правно лице за заловување и третман на бездомни животни.
Од склучувањето на првиот договор до денес, во Битола заловени и третирани се над 180 кучиња.
Одлуката за враќање на шинтерската служба, за жал е политичка манипулација на граѓаните, за да се прикаже дека некој т.е градоначалникот, не сака да го реши проблемот, додека новата коалиција во Советот, тоа го бара.
Сите сакаме да се движиме слободно низ улиците на градот и глутниците кучиња да не бидат опасност за нас.
Да се каже дека до изградбата на прифатилиштето, времено решение е ЈП Комуналец е груба лага, затоа што претпријатието во досегашниот период не создало услови за оваа дејност. Но, за многу брзо ваквата дозвола ќе ја има новото прифатилиште, каде градежните работи од оваа прва и многу важна фаза ќе бидат завршени деновиве.
Претходната локална самоуправа во оваа насока обезбедила само ЛУПД за формирање на градежна парцела со намена прифатилиште за кучиња на катастарска парцела, без основна инфраструктура: без струја, вода, пат.
Но, нема да се навраќам на периодот кога ништо не се направило на тема бездомни животни, затоа што тоа нема да го реши проблемот, туку ќе продолжиме да работиме до отстранувањето на глутниците кучиња од улиците и овозможувањето хуман третман кон нив и зголемена безбедност за сите нас.
Тука влегува и заедништвото на институциите, на кое повикав минатиот викенд, затоа што проблемот добива и други размери, со иматели на бездомни кучиња кои се чуваат за борби, но и други животни кои немаат сопственик, а всушност постои имател на животните, односно начин за заобиколување на законските обврски од поединци.
Општина Битола, веќе поднесе кривична пријава против непознати сторители на просторот на поранешната касарна кои имаат овци, кози и коњи, а истовремено се иматели и на опасни овчарски кучиња, кои се испуштаат по улиците.
Истото, ќе го направиме и против непознат сторител на просторот на Стара болница, каде се чуваат кучиња за борби. Значи, веќе не се проблем само бездомните животни, туку и оние кои некому припаѓаат, а тие лица не се регистрирани сопственици на животните, туку само иматели.
Затоа, потребно е итно постапување и од страна на полицијата и од страна на Обвинителството.