2win800x200

Промоција на делото „Македонци-милениумски сведоштва за идентитетското име“ во Битола

Јули 07, 2023
На 7 јули 2023 г., (петок) во 13ч во Офицерскиот дом во Битола ќе биде промовирана книгата „Македонци-милениумски сведоштва за идентитетското име“ (документи и анализи) од тетовскиот историчар и публицист Бранислав Светозаревиќ-Покорни. Делото претставува научен труд со комбинација на извори и анализи.

Книгата е создадена врз база на над 1000 документи и сведоштва од 32 постоечки и непостоечки држави од сите меридијани, од светските архиви што претставува  неизбришлива трага за македонското постоење. Ова дело, како што досега коментираат читателите е значајно за македонската историографија и претставува еден вид платформа за некои суштински прашања во историјата.

Како што повеќепати истакнал авторот, мотивот да се работи на ваков проект во кој ќе има и втор том е нападот врз нашиот идентитет во денешно време и затоа  книгата дава придонес во јавноста и науката. Документите кои се содржат во првиот том се репрезентативни примероци со значење во својот период на настанување а има документи кои прв пат се објавуваат.
 
Имињата Македонија и Македонци се истражуваат од страна на авторот и се докажува нивната употреба од антиката, преку средниот век, новиот век и современата историја. Вообичаено вакви трудови работат цели тимови и група на историчари. Оваа книга е посветена на сите знаени и незнаени Македонци низ вековите кои оставиле траги дека се Македонци, траги кои денес повторно не потсетуваат што треба да правиме како што вели Мисирков. Книгата е сублимат на голем дел досегашни сознанија и истражувања од македонската историска наука или поинаку кажано, таа претставува составување на камчињата на мозаикот со оглед на тоа дека во нашата држава беа направени многу монографии кои потсетуваат на името на државата, на јазикот, на црквата но на етнонимот немавме една така посублимирана студија која ќе ги обедини сите оние сознанија кои ги имавме досега.

На настанот ќе се обратат промоторите проф.д-р Наташа Котлар од Институтот за национална историја и м-р Александар Јорданоски.
Авторот е роден 1966 година, а научно истражувачката дејност ја врши во областите на историјата, архивистиката, музеологијата и културата.
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани