АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
На денешен ден - 26 јули 1946 година
Во Ениџе-Вардар, Егејски дел на Македонија, е убиена Ирина ГИНОВА-Мирка, припадник на македонското националноослободително и грчкото комунистичко движење и учесник во Антифашистичката и Граѓанската војна во Грција. Родена е во селото Русилово, Воденско, Егејскиот дел на Македонија, во 1916 година. Откако заврши учителска школа, доби работа како учителка. Беше предвоен активист на грчкото комунистичко движење. Во периодот на тројната фашистичка окупација на Грција и Егејскиот дел на Македонија, активно го помага и организира антифашистичкото движење. Од 1943 година е борец во партизанска единица на ЕЛАС која дејствува на Ниџе Планина. Набрзо е избрана во раководството на грчката комунистичка и антифашистичка организација на жените во Воденско. Во 1945 година се вклучи во Народноослободителниот фронт (НОФ) на Македонците од Егејскиот дел на Македонија. Во наредниот период дејствува илегално по селата во Мегленско, Воденско и Островско. Член на Окружниот одбор на НОФ за Воденско, а во негови рамки е одговорна за прашањата на жените. Заробена е на 6 јули 1946 година, по кратка борба во Почепската шума, односно во близина на селото Почеп, Воденско. По повеќедневно физичко мачење и бројни понижувања, на 23 јули 1946 година е изведена пред воениот суд во Ениџе-Вардар и заедно со соборците со кои е заробена, осудена на смрт со стрелање. Неколку дена потоа егзекуцијата е извршена на градските гробиштата во Ениџе-Вардар.