Интегрален текст од прес конференција на Мирјана Захариевска Ралевска, советник од СДСМ
Наместо да го реконструира објектот Парк кај Офицерски за што Општина Битола доби европски грант, Коњановски и ДПМНЕ сакаат да ги потрошат овие пари за таканаречените велосипедски патеки на Васко Карангелевски.
Проектот за реконструкција на Парк е избран уште пред три години и со него просторот околу Офицерскиот дом треба да го добие конечниот изглед. Наместо ругло какво што е сега, објектот е планирано да прерасне во инфо точка за странските туристи кои обично ги паркираат
автобусите кај спортската сала, но и место каде било кој посетител на градот ќе може да се информира за Битола.
Наместо тоа, Коњановски сега сака да ги искористи парите за велосипедските патеки што ги ветуваше. На што ги потроши градоначалникот 500те илјади евра кои Советот ги предвиде во програмата за економски развој за изградба на велосипедски патеки на Васко Карангелевски и Партизанска? Зошто Коњановски се откажува од реконструкција на објектот Парк за кој се обезбедени европски пари?
На Битола ѝ требаат и велосипедски патеки, и тротоари и реконструиран објект Парк кај Офицерски. Но, на Битола не ѝ треба оваа расипничка локална власт. Вакво непланско работење и "купи ден помини" политика немало ниту во времето на најлошиот градоначалник на Битола, Владимир Талески Двојче.
Битолчани од Коњановски добија само празни ветувања. За нецели две години локална власт потроши над 50 милиони евра, а за ништо нема пари. Коњановски да не си прави Бајрам со умот и да не чека пари од партискиот лидер за да направи нешто во Битола оти од него премиер не бидува. Битолчани се потсетија каква катастрофа за градот е кога ДПМНЕ е на власт, а уште поголема за државата.