Започна реконструкцијата на улицата кај Светонеделските гробишта во должина од 1180 метри, а со соодветна динамика се реконструираат и улицата СТУ 1 во АРМ, каде што завршува и поставувањето на дренажата, а наскоро ќе продолжи изградбата на новата детска градинка. Денес се асфалтираше и мостот на Довлеџик, а до крајот на годината, планирано е да бидат завршени започнатите градежни работи. Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, при денешниот увид на терен, информираше за градежните работи кои се во тек во Битола:
„Веќе отпочнавме со работа на улицата Захарија Шумлјанска, која за граѓаните е позната и како улицата која поминува кај Светонеделските гробишта, а е еден од приоритетите кои граѓаните со години го бараат, така што сега ќе се направи една улица со која ќе се решат долгогодишните проблеми. Направивме увид и на работата на кружниот тек кај Прилепска. Таму се оформува централното јадро, а бевме и на улица СТУ 1 во АРМ, каде што се врши пробивање и поврзување на изградените објекти, а извршивме и увид на објектот на детската градинка во АРМ. Со задоволство можам да кажам дека таму работата е откочена, дренажата е веќе завршена и за ден два изведувачот завршува во тој дел и веќе новиот изведувач кој ја прави изградбата на објектот до карабина, може да започне со работа. Се надевам дека временските услови ќе дозволат да продолжиме со работа и до крајот на година, да го завршиме планираното. Се наоѓаме на локацијата кај Довлеџик, иако општината тука нема директни ингеренции, сепак дотука е направен пристапот, девијацијата исто така ја правеше општина Битола. Овој дел е со финансиски средства од ТАВ и на задоволство на граѓаните ќе се направи и овој мост. Веќе имаме и проект со дозвола за градење, што значи продолжуваме со изградба на влезот во Битола од страната на Охрид“, изјави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, при денешниот увид на активностите во општина Битола.