Униформите сѐ повеќе почнаа да се применуваат во училиштата. Се разбира, како и во сите сфери, има противници и афирматори. Лица кои сметаат дека униформите се одлични за учениците, дека ќе помогнат во надминувањето на класните разлики, ќе им се од помош на родителите во буџетот за облека за децата и полесно ќе оди подготвувањето за на училиште. И секако, има лица кои се против сето ова и сметаат дека униформираноста е лоша за децата, им се губи идентитетот, можноста за слободен израз и слично. И двата ставови се правилни и едниот не го исклучува другиот.
Раководните лица на училиштата сметаат дека со униформите би се вовел поголем ред во облекувањето, дисциплина во облекувањето и спречување недолично облекување за на училиште, пишува Факултети.мк.
Забранети се кратки маички и искинати фармерки
Униформите се дел од училиштата и во градовите од внатрешноста на Македонија.
-Униформите во средните училишта во Битола потекнаа токму од гимназијата „Јосип Броз-Тито“, но и завршија пред неколку години токму од оваа гимназија. Униформите беа одличен начин на пристојно облекување, исто така, да нема разлика во материјалната и семејна состојба меѓу учениците, со униформите учениците изгледаа прекрасно. Но, пред некоја година тоа запре и не се продолжи, односно учениците по пат на анкета се изјаснија дека не сакаат повеќе униформи. Со поддршка од Советот на родители, ќе се обидеме секако без притисок и преку анкета да ги вратиме униформите, но како што напоменав, изборот е на родителите и учениците. Во однос на Кодексот за облекување, постои во секое училиште и тој се применува. Со почетокот на оваа учебна година направивме и пластифициран кодекс во форма на фотографии кој стои во ходниците и во секоја училница. Генерално, учениците го почитуваат кодексот и се облекуваат соодветно, се случува некој од нив да дојде со искинати фармерки, куси блузички или куси панталони, но тие ученици се испраќаат дома за да се „облечат“ соодветно - ни сподели Лидија Споа, в.д. директорка на гимназијата „Јосип Броз-Тито“ во Битола.
Во повеќето училишта во кодексот на однесување пишува дека учениците се должни пристојно да се облекуваат за да не се издвојуваат од средината и да не го привлекуваат вниманието на другите ученици во текот на наставата, односно да не доаѓаат облечени со куси панталони, куси маици и сл.