Општина Битола, како општина која води посебна грижа за родовиот аспект во имплементацијата на програмите, како и за еднаквите можности на сите граѓани, активно се вклучува во Кампањата која се спроведува на глобално ниво, а започнува на 25 Ноември со Меѓународниот ден за борба против насилство врз жените и завршува на 10 Декември со
Меѓународниот ден за човекови права и е наречена 16 дена активизам против родово базирано насилство.
По тој повод, денес беше организирана Јавна панел дискусија со слоган „ Заштити се! “ Зборувај гласно!, на која панел дискусија како говорници зедоа учество Градоначалникот на Општина Битола г-дин Тони Коњановски, Претседателката на Советот и Претседателка на комисијата за еднакви можности при Советот на Општина Битола г-ѓа Габриела Илиевска, Психијатарка во семејно советувалиште „ Одраз “ и женски центар за поддршка Битола г-ѓа Гордана Ристевска Димитровска, г-ѓа Елена Димушевска како претставничка на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство и г-ѓа Ирена Димовска жртва на семејно насилство.
Во своето излагање градоначалникот ја потврди поддршката која Регионалниот советувалишен центар за помош и поддршка на жени и деца жртви на семејно и родово базирано насилство во Битола ја добива и ќе ја добива во иднина од Општина Битола, Советот на Општина Битола, а посебно од Комисијата за еднакви можности и нагласи дека иницирана е поддршка за развој на женското претприемништво, затоа што економската сигурност е од клучно значење во процесот на спречување на сериозни последици за жртвите на насилство.
Во изминатата година помош од Центарот за поддршка на жртви на семејно насилство, побарале 29 жени и 28 малолетни деца.