Професорот Мите Ристов-Стихијни реформи ни го уништија образованието

Февруари 12, 2024

Мите Ристов е професор по географија во гимназијата “Јосип Броз-Тито“ – Битола. Неговите ученици за него велат дека e одличен професор и исклучителен педагог. Тој е и претседател на регионално  здружение на географи, но и граѓански активист, преку формирање на разни платформи за чиста животна средина особено за Битола и тој регион.

Доволно за да се најде во “Нашите јунаци” и тоа на предлог на негов поранешен ученик. 

Мите, раскажете ни за Вашиот професионален пат, како се одлучивте да бидете професор, од каде љубовта кон географијата?

Првата љубов кон географијата започна како дете, кога мојот татко го донесе Големиот атлас на светот, издание од 80-тите години од поранешна Југославија. Уште се сеќавам на времето поминато со листање на содржините на атласот, особено на географските карти, кои ги откриваа тајните на планетата Земјата.

Љубовта кон наставничката професија, исто така се преклопува со географијата. Имено, втората љубов кон географијата се случи кога за прв пат во училница, во денешното училиште ОУ „Гоце Делчев“ во Штип, влезе предметната наставничка по географија Милица Прчкова, која на мошне интересен и интерактивен начин ни ги доближи знаењата од географските науки. Тоа беше моментот кога наставничката професија ми изгледаше интересна и креативна.

По завршувањето на гимназиското образование, во текот на кое љубовта кон географијата се зајакна, продолжив со студии на ПМФ и Институтот по географија, а во 2015 год. ги завршив и постдипломските студии, преку кои стекнав нови современи вештини од областа на Географските информациони системи.

Директорите на училиштата не смее да се назначуваат партиски 

Да се биде професор е исклучително важна, одговорна, но и благородна животна мисија. Комплексно е прашањето, но како го цените образованието како сектор кај нас?

Токму така. Да се биде професор е повеќе од работни обврски. Работите со деца, сите со свои различности и свои потреби. Кон децата е потребен внимателен пристап, одмерен збор, но во исто време, треба да бидете „шоумен“, часот да го направите привлечен за да ги заинтересирате учениците. Тоа е одговорна и макотрпна работа, која не може да ја работи секој.

За жал, образованието во Македонија во последните 20-тина години е во лоша кондиција. Несоодветните образовни реформи, притисоците врз наставниците, лошите образовни политики и ниските плати на наставниот кадар, ја направија професијата одбивна кај младата популација. Последиците од овие состојби во образованието се забележителни во последните неколку години. Евидентен е недостатокот на наставен кадар по одредени предмети, а во годините кои претстојат, оваа појава уште повеќе ќе се изразува.

Кои се клучните проблеми во образованието, според Вас?

Проблемите во образованието се провлекуваат години наназад. Надлежните институции само декларативно ги решаваат, односно како поминува времето, ефектот е спротивен, образованието е сè полошо и полошо. Клучните проблеми се поврзани со лошите наставни програми, уште полоши учебници, не доволно обучен наставен кадар, користење на стари методи на работа, систем на 100% одлични ученици, учење на памет без логичко и критичко поврзување на наставните содржини, влијание од родителите, директорите па и самите наставници врз оценувањето на наставниците…

Проблемите во образованието започнаа со имплементацијата на „екстерното оценување“ кое траеше со години и предизвика осетно намалување на квалитетот на образованието, бидејќи истото се концентрираше на квантитативното, а не на квалитативното знаење кај учениците. Денес продолжија со лошите реформи и имплементацијата на новата Концепција за основно образование. Кога образовна реформа се прави стихијно, без поддршка од фелата, со еден куп недоречености и недоумици во имплементацијата, не може да произлезе квалитетно образование.

Колку е важно политиката да стои настрана од образовниот систем во смисла на партизација за да може просторот навистина да биде оставен за најдобрите учители и професори?

Екстремно важно! Не само од поглед на изборот на најдобрите наставници кои би работеле во училиштата, туку и од креирањето и спроведувањето на образовните политики и реформи. Веќе неколку пати сум потенцирал дека со образование, здравство и судство не треба да се импровизира. Еднаш за секогаш политичките елити мора да сфатат дека треба да ја остават наставничката фела да донесе стратегија за развој на образованието, да направи коренити реформи, а после тоа, политичарите нека се натпреваруваат меѓусебно, кој ќе успее повеќе да имплементира од таа стратегија. Само така образованието ќе оди напред и ќе се унапредува. Мора да се изграде систем за наградување на посветените и креативни наставници, а во исто време да се мотивираат послабите наставници проактивно да се вклучат во образовниот процес. Мора да се смени начинот на назначување на директорите на училиштата, мора да се подобри начинот на вработување и поддршка на наставниците приправници. Времето поминува и доколку искрено сакаме нешто да сториме, мора брзо да се реагира.

Граѓаните критикуваат, ама за протест ги нема никаде 

Вие освен професор сте и граѓански активист. Што Ве поттикна да бидете гласен и да се борите за подобро во областа на животната средина?

Некаде пред десетина години бев избран за претседател на Регионалното географско друштво Геосфера-Битола и оттука започна моето поголемо инволвирање во граѓанскиот сектор. Првичното делување на Геосфера, како граѓанска организација, беше насочена кон подобрување на географијата како наставен предмет, но и овозможување на професионален развој на наставниот кадар од Битолскиот регион за поквалитетен образовен процес. Меѓутоа, сите состојби со загадувањето на животната средина, во која живееме и работиме, не можевме да ги игнорираме. Затоа, како наставници, одлучивме дека мораме да се вклучиме во зголемувањето на еколошката свест кај сите граѓани на регионот, особено на младите, во изнаоѓање на соодветни решенија за одредени еколошки проблеми и поттикнување на надлежните институции во решавање на наталожените еколошки проблеми.

Како ја цените граѓанската свест кај нас? Имаат ли граѓаните развиено чувство дека процесите во државата во голема мера зависат од нив и од притисокот што го прават врз системот?

Едно време тешко се придвижуваа работите, но сега е малку подобро. Но тоа не значи дека граѓаните имаат висока граѓанска свест. Во последните 5-6 години, учеството на граѓаните во критикувањето на негативните општествени појави преку социјалните мрежи е особено зголемено, но кога ќе дојде моментот да се излезе и протестира ги нема никаде. Конкретно ќе го посочам примерот со наставниците. Лошите образовни реформи во основното образование и воведувањето на Концепцијата од 6 одд. сите ја критикувавме, но кога требаше да се покаже обединетост против неа, едвај неколку стотина наставници излегоа на протест.

Сѐ уште сме далеку од западно европските земји. Ова е Балкан и овде поинаку се гледа на работите. Едно е сигурно, дека доколку сакаме да се движиме напред ќе мора да се однесуваме професионално, односно доколку некој упати критика кон одредена општествена појава или појава на работното место, не треба да го осудуваме и да вршиме мобинг врз него, туку да ги испитаме сите околности и да видиме дали можеби грешката е во нас и нашето постапување. Како велат старите, не се плаши од оние кои во лице ќе ти кажат дека грешиш, туку од оние кои зад грб те озборуваат!

Што мислите дека треба да се стори за граѓаните да бидат пообединети и поактивни?

Причините поради кои граѓаните се уште не го креваат гласот лежат во преголемата партизација на државата. Влијанието на политиката, загрозеното работно место, лично на него, но и на некој близок, негативно влијае врз можноста овие граѓани да станат поактивни во граѓанското делување. Политичките елити намерно не го усогласуваат законодавството со она на Европската Унија, а целта е јасна, да поставуваат партиски кадри на раководни позиции во различни институции, со што ќе можат да врши постојан притисок врз вработените.

Кога влијанието на политичките партии ќе попушти, тогаш ќе се ослободи уште поголем простор за делување на граѓанските активисти. Сите граѓани не се бунтовници во душа, на поголем дел од нив им е потребен простор за да се одлучат и да го кренат гласот.

 Имате ли некое позитивно искуство каде преку граѓански активизам сте успеале да добиете некоја битка?

Секако. Би сакал да го спомнам проектот „Сликај, постирај, алармирај“ кој Геосфера-Битола го спроведе во град Битола во зимата 2017/2018 год. Преку овој проект граѓаните имаа можност да пријавуваат аерозагадувачи и да алармираат за високото загадување на воздухот во градот. Извршивме мерење на квалитетот на воздухот на повеќе локации низ градот и надвор од него и се заклучи дека домаќинствата се тие кои најмногу го загадуваат воздухот. Се изврши голем притисок врз надлежните и после две години Владата на Македонија одлучи да додели голем број на инвертер клими за домаќинствата. Во 2021 год. со проектот „И на Баирот се може“, каде во најголем дел живее ромско население, беа исчистени две големи диви депонии, а просторот беше озеленет и дополнет со детски реквизити. Исто така, во 2019 беше организирана кампањата „СТОП – сакам да поминам“, каде со организирање на петиција и анкета, успеавме за прв пат во град Битола да издејствуваме општината да постави лежечки полицајци и сигнализација на две брзи сообраќајници и да ги обезбеди пешачките премини пред училиштата.

За крај, кажете ни кои Ви се моменталните преокупации, можеби некои проекти, кон што сте насочени во овој период?

Од секогаш работните обврски како наставник ми биле на прво место, а доколку остане слободно време, сум се посветувал на останатите работи. Работата со учениците и колегите во Гимназија „Јосип Броз-Тито“ Битола ми е задоволство и предизвик. Работиме на бројни активности, преку училишни проекти, eTwinning проекти. Во текот на второто полугодие, заедно со колешката Гордана Богоевска од ОУ „Тодор Ангелевски“ од Битола,  започнуваме со една иновативна ГИС секција. Компанијата ЕSRI, која е најголема компанија во светот за изработка на ГИС софтверски пакети, преку GDi претставништвото во Скопје, ќе ни овозможи бесплатно користење на софтверскиот пакет ArcGis Online, преку кој учениците од секцијата ќе ги обучиме да мапираат одредени проблеми од локалната заедница и со тоа, како граѓански активисти, да допринесат за подобар живот на граѓаните во Битола и пошироко.

Преку Геосфера-Битола, во соработка со Центарот за климатски промени и партнер од Бугарија, завршуваме со имплементација на Еразмус проект наречен „Поттикнување на одржливи начини за работа во новата дигитална ера – SustainABLE“ преку кој започнавме со пилотирање на граѓански организации за примена на одржливи решенија на работа во области како: управување со отпад, заштеда на енергија, одржлив транспорт, работа од далечина, организирање на настани и сл. Во соработка со граѓански организации од Македонија започнуваме друг еколошки проект, поврзан со Имплементирање на Зелената агенда на Европската Унија на локално ниво. Така што, во бројни активности сум вклучен и генерално сите се поклопуваат со географскиот простор и заштитата на животната средина.

 

Извор https://solucija.mk/

Автор - Катерина Синадиновска 

 

 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани