Нов проблем со полагањето возачки испит за Битола и околните општини?
Кандидатите за полагање возачки испит од Битола и околните општини се пред нова голгота, откако вчера ново избраната фирма „Супер Возач“, лиценциран Авто-мото испитен центар за Битола ја извести јавноста дека нема да закажува и споведува испити до средината на септември. Со една реченица напишана како известување на веб страната на испитниот центар, фирмата соопштува - Испитниот центар нема да закажува и споведува испити од 12 август до 13 септември годинава. Толку од известувањето.

На веб страната е оставен мобилен телефон за реонот на Битола, но иако ѕвоневме за да побараме подетални информации зошто е отажано спроведувањето на испити за возачи на моторни возила за сите категории од таму никој не се јави на телефонот.
Родители чии деца требаше да полагаат вчера и денеска за „Апла“ велат дека нивните деца добиле известување дека полагањето се одлага на неопределено време .
„Моето дете денес требаше да полага за возачка дозвола, градско возење и испитот и му го одложија. И јас лично отидов да прашам и мене ми кажаа дека се одлага на неопределено време и немаа друго образложение. Не разбирам како може испит да се одложи на непоределено? Еве сега вие ми кажувате дека на веб страната пишувало до 13 септември. Крајно несериозно од страна на испитниот центар“, реагира родител.
Друг родител пак добил информација дека целиот Испитен центар бил на колективен одмор, но не му било јасно каков е тој одмор на неопределено, односно на еден месец според известувањето на фирмата и како може по пола година застој за полагање на испитите за возачка дозвола сега повторно да се прави застој и тоа во лето кога на кандидатите им се испланирани деновите, особено на матурантите кои наесен треба да одат на студии во странство.
„Што правиме со децата кои треба да заминат Словенија, Бугарија и Србија... на студии, да си гледаат на ноктите кога ќе можат да полагаат. Ова е срамно, неодговорно однесување, а штетата е само по кандидатите за полагање на возачи испит", вели родител.
На почетокот на јуни годинава, Авто- мото испитниот центар „Супер возач“, како правен субјект доби лиценца од Министерството за внатрешни работи во наредните 5 години да спроведува возачките испити за кандидати од Битола, Прилеп, Ресен, Демир Хисар, Крушево и Македонски Брод. На 4 јуни започна со работа во просториите на поранешниот Славјански универзитет во Битола.
Претходно половина година од некаде средината на декември 2024 година полагањата беа закочени поради пропаѓање на процедурите за избор на нов оператор. Кандидатите од Битола одеа да полагаат во Охрид, Кавадарци и Кичево и беа изложени на дополнителни трошоци. Финансиска штета трпеа и шесте авто школи во Битола со над стотина вработени кои останаа без работа. Само налето и напролет во Битола се запишуваат околу 1.000 кандидати, а основните трошоци за една возачка дозвола изнесуваат 42.000 денари.
Анета Блажевска