2win800x200

ИНТЕРВЈУ СО ЈАСНА ДИМИТРОВСКА – ВОКАЛ ВО СОСТАВОТ ROCKESTRA

Февруари 14, 2024

ИНТЕРВЈУ СО ЈАСНА ДИМИТРОВСКА – ВОКАЛ ВО СОСТАВОТ ROCKESTRA, АВТОР ЛЕОНИД ТАШОВСКИ преземено од https://kultura24.mk/

 

На 10-ти февруари во НУ Народен театар Битола, ROCKESTRA го претстави својот прв трибјут концерт “Sweetest Тaboo”, посветен на британската поп дива, Шаде. Концертот не беше само настап, туку патување низ најголемите хитови на дивата, а секоја песна звучеше како едно поглавје во саундтракот на многу животи.

Култура24 разговараше со еден од вокалите на концертот, Јасна Димитровска. Таа нѝ раскажа нешто повеќе за составот на ROCKESTRA, идејата за нивното прво појавување, но и нејзиниот приватен живот.

Ова беше дебито на ROCKESTRA. Кажете нѝ нешто повеќе за идејата и составот на овој проект?

Јасна Димитровска: Rockestra е музичка формација составена од Владко Симоновски, Александар Димитровски, Коста Стеваноски, Кристијан Магденовски, Иле Лулевски, Дамијан Грујо и Дејан Трајкоски, заедно со вокалите на Тамара Стојковска, Јасна Димитровска и Рената Симоновска, a пратечките вокали на овој прв концерт беа Билјана Талевска и Марија Арсиќ. Започнавме со визијата да се слави музиката на легендарните уметници преку трибјут изведби и до името стигнавме сосема спонтано бидејќи сите сме со рокерска позадина, еве вака да кажам низ шега.

Зошто ја избравте баш Шаде за првиот концерт?

Јасна Димитровска: Затоа што нејзината музика е безвременска, затоа што е енигматична со егзотична убавина. Нејзината соул музика е со примеси на џез и токму поради нејзината специфична интерпретација како музичари и обожаватели на нејзините уникатни музички изведби, бевме пред голем предизвик нејзината музика да ја доловиме низ призмата на нашето доживување и да ја пренесеме кон публиката за која знаеме дека е со софистициран вкус и токму полната сала и овациите нѝ докажаа дека сме ја постигнале целта.

Соработувате со Камерниот и Дувачкиот оркестар на Битола кои се во подем. Какво е нивното значење за градот но и за вас музичарите и солистите?

Јасна Димитровска: Битола бил и ќе биде град на културата и уметноста и неслучајно два големи оркестри како Битолскиот Камерен оркестар, кој е веќе национална институција и Дувачкиот Оркестар функционираат и се активни на сцената последните десет години после нивното реоформување. Нивното значење за градот е вистина огромно, за подигнување на квалитативната и квантитативна концертна понуда, значи за публиката која ги исполнува големите концертни сали до последното место, но и за нас музичарите и солистите, бидејќи отвора повеќе можности да бидеме на сцена, во Битола и на сцените низ државата како дел од овие оркестри.

На што работи Јасна периодов и каде ќе можеме да ја видиме во следниот период?

Јасна Димитровска: Годината ми започна убаво и ангажирано на музички план токму како што и сакам да биде. Во моментов продолжувам со работа како учесник на еден нов проект со мои драги колеги музичари кој ќе биде објавен наскоро. Секако, во меѓувреме останувам со убавото чувство од успешниот концерт на Rockestra.

Дали Јасна, освен што го поседува најубавиот инструмент-гласот, свири некој друг инструмент?

Јасна Димитровска: Освен пеењето, завршив средно музичко училиште како инструменталист на виола и после долга пауза планирам повторно да ја обновам старата љубов. Свирам и на клавир, по малку на укулеле со кое имав обид да снимам видео со македонска песна на Инстаграм, па супер испадна. Имам желба и за гитара, за тоа ќе ме учи Владко, ми вети. Ова нека биде потсетник за него, хаха.

Која музика ја слушате за релаксација?

Јасна Димитровска: Блиските ме доживуваат како подвижен џубокс. Низ различни фази сум слушала различна музика која во дадениот момент ме релаксирала. Периодов музиката оди на shuffle помеѓу Tom Jobim, Sade, Шпато…

Го спомнавте Владко, па се потсетив на еден cover на евергринот „За нас почнува живот“ од Даниела Панчетовиќ, кој го снимивте заедно со него пред неколку години. Дали би продолжиле да снимате музика од тој вид?

Јасна Димитровска: Секако дека да! Со Владко имаме многу нереализирани идеи кои наскоро верувам ќе се остварат. За нас како музичари е многу важно кога енергијата кликнува од прва, па така сѐ што се работи има поинаква динамика. Владко е фантастичен гитарист и музичар и секогаш ми е задоволство кога работиме заедно. Кој ме знае, знае дека музиката на Шпато е мојата омилена и еден од самостојните концерти кои до сега сум ги направила биле посветени токму за музиката на Шпато.

Автор Леонид Ташовски

Фотографии: Диоген Хаџи-Коста Милевски

 

Објавено од А.Б 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани