2win800x200

Комерцијална нуди 3.200 денари за една aкција на Стопанска банка Битола

Август 12, 2024

Комерцијална банка денеска преку известување до Македонската берза ја соопшти својата понуда за откуп на акциите на Стопанска банка Битола и таа изнесува 3.200 денари за една aкција. Тоа значи дека доколку ги откупи сите 390.977 акции на битолската банка, вкупниот износ што ќе треба да го издвои Комерцијална банка е 1,25 милијарди денари или околу 20,34 милиони евра.

Во ценовно чувствителната информација на Комерцијална банка до Берзата се вели: 

 

„Комерцијална банка АД Скопје ја известува јавноста дека Народната банка на Република Северна Македонија на Комерцијална банка АД Скопје и издаде претходна согласност за стекнување на капитален дел од 100% од вкупниот број обични акции со право на глас издадени од Стопанска банка АД Битола. 

Истовремено, Комерцијална банка АД Скопје известува дека согласно Одлука донесена од Надзорниот одбор на Банката, во постапката на јавна објава на понуда за преземање на Стопанска банка АД Битола, цената на акциите која ќе биде понудена во понудата за преземање изнесува 3.200,00 денари за 1 (една) акција“, стои во информацијата.

Конкретната понуда доаѓа откако на почетокот на овој месец од Комерцијална банка соопштија дека ќе дадат понуда за преземање на Стопанска банка Битола, како и дека има намера ги преземе сите обични акции на битолската банка.

Инаку, првата најава за ваквиот чекор беше минатата година кога во две одвоени соопштенија двете банки соопштија дека е можно присоединување на битолската банка кон водечката банка во земјава.

Тогаш беше посочено дека станува збор за рана фаза како и дека постапката не претставува намера за присоединување и во ниту еден аспект нема обврзувачки карактер.

Подоцна во април годинава, беше најавено дека Комерцијална банка ќе спроведе длабинска анализа на работењето на Стопанска банка Битола, која ќе даде одговор дали е можна постапка за нејзино присоединување, односно ќе донесе одлука дали да продолжи постапката со изразување на намера за склучување на трансакцијата на присоединување.

Со оглед на финансиските резултати кои ги има со години Комерцијална банка нема да има проблеми да ја реализира понудата. Таа во првото полугодие годинава оствари извонредни финансиски резултати – добивката изнесува 2.844,6 денари или околу 46,2 милиони евра, за 42 отсто повеќе во споредба со истиот период лани, и за 34 отсто повеќе од планот. Станува збор за до сега најголема добивка која што ја реализирала некоја банка во Македонија и тоа на половина од календарската година.

Како што покажаа неконсолидираните и неревидирани Биланс на успех и Биланс на состојба на банката за периодот 01.01 – 30.06.2024 година, доставени до Македонската берза остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на Банката да ги покрива расходите од работењето, е за 46,0% поголема во однос на истиот период минатата година.

По објавување на понудата цената на акциите на Комерцијална банка не претрпе позначителни промени. Максималната цена по која се тргуваа акциите на банката во петокот беа 24.300 денари за акција, а минималната 24.200 денари, додека просечната цена беше 24.261,85 денари за акција, покажуваат податоците објавени на Македонската берза.

Во истиот период годинава Стопанска Банка а.д. Битола оствари добивка од 51,01 милион денари, што е значајно подобрување во однос на првото полугодие од 2023 година, кога работеше со загуба од 53,69 милиони денари.

Позитивниот финансиски резултат се должи на задржаниот висок оперативен резултат (од 75,92 милиони денари), засилената наплата на нефункционалното портфолио на Банката, како и на пониското ниво на исправка на вредност на нефункционални пласмани во однос на претходната година, се вели во Образложението на остварениот финансиски резултат
за периодот од 1.1.2024 до 30.6.2024 година на Стопанска банка Битола.

Најголем акционер на банката е „Пелистерка“ со 16,99 отсто од акционњерскиот капитал. По објавување на информацијата дека Комерцијална банка ќе достави понуда за купување на Стопанска банка Битола, цената на акциите на битолската банка се зголеми и во петокот беше 3.699,12 денари за акција, за 9,02 отсто повеќе во однос на претходниот ден.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани