АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Објавено е Академското рангирање на светските универзитети за 2024 година, познато како „Шангајска листа“, од страна на организацијата „ShanghaiRanking Consultancy“.
Меѓу најдобрите илјада универзитети во светот и годинава нема ниту едена македонска високообразовна установа.
Рангирањето кое се објавува по 21. пат, не носи големи изненадувања.
И оваа година на прво место, како најдобар универзитет во светот, е рангиран универзитетот Харвард. Второ рангиран е Универзитет Стенфорд, а на трето место се наоѓа Институтот за технологија Масачусетс (МИТ), исто како и минатата година. Сите три универзитети се САД.
Всушност, осум од десетте најдобро рангирани универзитети на Шангајската листа годинава се американски, а друштво им прават британските Кембриџ и Оксфорд.
Од универзитетите во регионот, на листата се наоѓаат Белградскиот универзитет, кој се наоѓа на позиција помеѓу 401-вото и 500-тото место и кој бележи пад од мината година кога беше рангиран помеѓу 301-вото и 400-тото место.
Универзитетот во Нови Сад се задржа на позицијата помеѓу 901-вата и 1000-тата позиција.
На Шангајската листа и годинава се наоѓаат Загрепскиот универзитет (401 – 501) и Универзитетот во Љубљана (501-600).
На листата годинава се најдоа шест грчки универзитети – еден повеќе од минатата година, откако во најдобрите илјада универзитети во светот годинава се вброи и Универзитетот во Патрас.
Освен македонски, Шангајската листа не содржи ниту еден универзитет од Бугарија и Албанија.
Во однос на вкупниот пласман на Шангајската листа, Европската унија предничи пред САД и Кина.
Меѓу најдобрите 500 универзитети се наоѓаат 135 универзитети од земјите на ЕУ, 114 американски и 91 кинески.
Шангајската листа, позната како Академско рангирање на светските универзитети, за првпат беше објавена во 2003 година и претставува годишна публикација која ги рангира универзитетите во светот врз основа на нивните академски и истражувачки перформанси.
Препознаена е како најверодостојно глобално рангирање на универзитетите. И годинава биле истражувани над 2.500 институции, од кои објавени се најдобрите илјада универзитети.
Годинава меѓу најдобрите илјада се најдоа 32 нови универзитети.