2win800x200

Новиот септемвриски почеток - (пишува Александар Адамовски)

Септември 03, 2024

Автор: Александар Адамовски – професор по македонски јазик и литература и француски јазик

Среќно и успешно, во новата учебна година, на сите наставници, ученици, родители и засегнати во воспитно-образовниот процес. Обично, дополнуваме: со лесно! Така некако, на секој септемвриски почеток, си посакуваме најубави желби за новата школска година. И така треба да биде, односно да надвладува позитивното размислување. Правите просветари, треба да бидат и да останат оптимисти, затоа што со песимизмот, не се оди напред.

Дел од обврските, што всушност се и должности во наставата:

Со самиот почеток на учебната година, се отвораат и обврски, што всушност претставуваат и должности, на сите кои треба да продолжеме со поучување и учење. Заемно поврзани се термините: обврска и должност. И тоа не е нешто ново, туку традиција која што секоја година треба се почитува, не само на почетокот, туку во текот на целата учебна година. За своите деца, родителите, секако дека го посакуваат најдоброто, па се трудат да го обезбедат сиот потребен прибор за работа во училиште, онака како што ќе наложат барањата од наставниците. Да, точно е дека без учебник, не бива наставен час, затоа што тој е првото и основно наставно средство за работа на часовите. Секој друг материјал, е само додаток или прилог во наставата. Но, ете, се најавува дека за следната учебна година, учебници по странски јазици, ќе има. Па, ќе видеме. Значи, тргнуваме од првата должност, а воедно и обврска - обезбедување на наставен прибор со кој ќе се работи во наставата. Постојат и хуманитарни акции, кои се организираат на ниво на училишта или од други организации, што е навистина за поздравување, односно донираат школски прибор за ученици, на кои им е потребен, зависно од домашната социјална положба. Потоа, со самото започнување на наставата, пред самите ученици и наставници, важат Кодекси за однесување, етички кодекси..., тука секако е програмата за советување на ученици и родители-старатели, за кои надлежна е стручната служба во училиштата (педагог, психолог, социјален работник, дефектолог итн.). Значи, најважно нешто, што мора доследно да се почитува, за да постои работна клима, секако се наставните кодекси, за кои најодговорни се наставниците, посебно одделенските и класни раководители, затоа што тие им ги читаат и ставаат до знаење на учениците. Оваа обврска и должност, мора задолжително и континуирано да се следи и почитува, затоа што се случува и да се подзапостави. А кога нешто не се учи и применува континуирано, тогаш се оди во погрешен правец и оттука започнуваат проблемите. За да не биде така, мораме, сите да имаме во предвид со какви возрасти работеме и да изнаоѓаме начини да ги натераме и убедиме како учениците да ја сакаат училницата во која престојуваат и со тоа, самото училиште и претпоставените во него. Мотивот и волјата за работа, само и единствено, го дава главниот менаџер на часот – наставникот. Како тој ќе се постави, така ќе важат и ќе се почитуваат правила и барања. Затоа што, и тоа е обврска и должност, колку ќе работиме и како ќе работиме со децата, за да очекуваме напредок и успешни резултати од нив. Неизоставен дел се и родителите, кои од дома, треба многу сериозно и посветено да влијаат на своите деца, па и да ги ограничат во некои задоволства што им ги пружаат, со цел за да им возвратат, дека можат да учат и да бидат паметни, чесни, одговорни и разбрани. Соработката, исто така е клучна, која мора да постои континуирано во воспитно-образовната работа, а тоа значи, колку и како се следи напредувањето на ученикот, што постигнува и кое поведение го покажува, потреби, барања, очекувања итн..., значи тој синџир на поврзаност: родител-наставник-ученик-директор-стручна служба, задолжително, мора да се одвива уште од самиот септемвриски почеток и во текот на целата учебна година. Ако тоа успешно се спроведува, тогаш полесно ќе се согледуваат пропусти и сл. Оваа, според мене е најважната обврска и должност во училиштата, а не, само надвор од нив и по телефон. Мора да постои лично соочување, разговор, односно следење на ученикот и исполнување на неговите задолженија. Свесни сме, дека генерациите ни се менуваат, веројатно тоа се должи на брзиот технолошки напредок, а со тоа и брзиот начин на живот, па затоа сите да дејствуваме одговорно и посветено, односно да не ги запоставуваме основните обврски и должности со самото пречекорување на школскот праг, па и надвор од него.

Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани