
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Описменувањето на детето, уште кога ќе го направи првиот чекор во училница, започнува со одделенскиот наставник. Со него детето, односно ученичето учи да пишува голема и мала буква од А до Ш. Со него учи да брои и уште многу, многу други работи корисни за животот. Долг процес за кој се потребни многу волја и разбирање. Најважен белег во описменувањето на учениците остава учителот / учителката, кои треба одговорно, посветено и најважно – трпеливо да пренесуваат знаења, навики и вештини кај најмалите деца, затоа што тој процес е навистина макотрпен и бара многу внимание и работа со децата. За да може одделенскиот наставник, па и предметниот наставник да пренесува квалитетно и трајно знаење, прво тој треба да биде солидно описменет (практично подготвен) и „искален“ во занаетот за кој се определил, односно во најблагородната професија – да работи со ученици. Со текот на времето се учи, така се стекнува искуство.
Не постои потешка задача од тоа да описменете 4, 20, 30 ученици во една училница. Сум пишувал и порано, ќе повторам уште еднаш: кога од ученичето ќе направиш ученик, тогаш си прав наставник. Сакам да кажам и да направам една едноставна споредба: искусните наставни кадри, кои совршено си ја знаат професионалноста, немаат проблем да описменат и 50 ученици во една училница, земам само како пример. И методски и формално и технички, наставно се подготвени. Проблемот е во младите нововработени наставници кои наместо на наставен час, да објаснуваат, соработуваат и вистински да работат со децата, тие тоа не го прават. Или не знаат како, или имаат трема, којзнае како да се каже. Ретко се изделуваат оние кои ја сакаат професијата со децата и телефонот на катедра не го држат, ами во чанта, настрана. Оти, да се разбереме, не е толку важен Инстаграм, Фејсбук и слични социјални мрежи... Треба еднаш да се сфати, дека задачата на одделенецот, а тоа важи и за предметниот наставник е да се посвети целосно во училицата пред тие кои стои и за кои има најважна мисија. Има време за телефонот и за домашнте обврски. Работа си е работа, треба доследно да се извршува. Не може дајте им на децата да препишуваат од учебникот, или оставете ги на компјутер и така да учат. Не, така никогаш ништо нема да научат. Напротив, уште толку ќе имаат наставни пропусти. Зошто постои професионален развој на наставниците, зошто постојат обуки, семинари итн... очигледно ништо од тоа не влијае и слабо се прифаќа и применува. Истото важи и за дисциплината, редот и работната атмосфера на часовите. Се знае кој е главниот менаџер на часот и дека треба да покаже принцип и авторитет. Во спротивно, ќе се случува хаос, бркање во училница за време на час, дремење со телефоните в раце исто како учениците да се во некој салон за видо игри, наместо во училница, постојано излегување од час, демек треба во тоалет да се оди итн. И размислете дали така личи и дали е во ред. Има ситуации кога навистина ќе се насмееме, ќе дадеме мала слобода да се искажат учениците, нели и тоа е дел од наставничката професија, ама играње шеги, да речам мајтапи на часовите, дивеење од секаков вид, тоа е недозволиво и не смее да се случува. Во такви ситуации се знае врз кого се префрлува целата неодговорност. И тука, нема никакви дилеми. Само оној просветар кој сака да учи, да се консултира, да истражува, да дава совети и корисни лекции, ќе биде пример и чест пред сите, несомнено дека ќе напредува, без разлика дали тоа на некого му се допаѓа или не. Има луѓе кои ценат труд и вредност. Се знае која е должноста во секоја институција, поготово во образование, само што денес така не стојат работите. Преголемата демократија се злоупотребува, а не се ограничува, за жал. Ако работите се постават со здрав темел во одделенска настава, понатаму новата средина и соочувањето на учениците со поголем број наставници, нема да претставува никаков проблем. Ќе продолжеме да работиме со описменети и ученици со трајни стекнати знаења. Така многу полесно се работи и соработува. Ученикот еднаш учи дека треба да прочита лектира и истата да ја обработи, а не, допрва во шесто одделение тоа да го учи. Има и други пропусти, за кои нормално треба и дома да се работи, а не, само на школо. Понатаму, предметната настава отвора пошироки хоризонти за учениците, веќе се оформува подруго размислување, се надградуваат знаењата, способностите и умеењата, значи таа квалитетна дадена основа од прво одделение, само продолжува да се развива и да оди напред. Со учениците, треба многу да се работи, поготово со денешните генерации кои отстапуваат од генерациите, да речеме до пред 8-9 години. Потешко е, но мора да се најдат начини како да се излезе во пресрет на барањата на учениците и секако, на дарот што го носат со себе, затоа што секое дете е способно за некаков подвиг. И тој талент треба соодветно да се искористи.
Како што ја насловив и започнав оваа колумна, така и ќе завршам со надеж дека секогаш постои позитивна енергија што го дава оптимизмот на денешницава: за да имаме солидно описменети генерации на ученици, кои утре треба да станат луѓе во професионална смисла на зборот, треба ние наставните кадри безпоштедно да го даваме најдоброто за нив, за да запаметат и да пренесат на следните генерации, од кои наставници вистински научиле, што и како научиле и колку тоа ќе им помогне во иднина. Да, токму така, од кои просветари научиле прави животни лекции, а од кои имаат само празни сеќавања.
Автор: проф. Александар Адамовски
