2win800x200

На час неспремен никогаш не се оди (пишува Александар Адамовски)

Декември 24, 2025
Александар Адамовски Александар Адамовски

Има едно многу поучно правило кое вели дека на час, никогаш неспремен не се оди. И треба да важи секогаш пред учениците да го пречекорат училиштниот праг. Читањето, а со него и учењето е темел на сите знаења, јазични вештини и способности. Од читањето се тргнува. Учиме во текот на целиот живот и тоа е основа на нашето суштествување, односно постоење. Кој како ќе се описмени, тоа е веќе друг проблем. Да запомнеме и никогаш да не заборавиме дека без знаење, нема напредок, нема снаодливост, нема брзина во ниту една работа. Не случајно, тука ќе ја цитирам една добра мисла која гласи: „Во секоја работа треба да се биде мајстор, а не, маткач“. Свесни сме дека се соочуваме со бавно (не) функционирање на институции скоро во секоја област од општествениот систем, а сепак сакаме на пример да завршиме работа што е можно побрзо, тука нормално треба да се споменат исклучоци каде работата „лета“, ама тоа е веќе искуство, веќе совладано и научено. И тука, работите не можат да се променат. Ако се вратиме години наназад во образовните клупи, ќе се присетиме зошто е тоа така, зошто денес недостига и нема професионалност во познавање и знаење при извршување на одредени задолженија и задачи, а со тоа секако и пропусти.

Образовната основа е темел, корен од кој или ќе никне растение, или ќе се исуши. Но, основата тргнува од наставниот час, од оној кој ја дава и пренесува. Без разлика колку е модерно денешното време, должност е на час да се биде подготвен (важи и за учениците, и за наставниците). Се случува, денес учена лекција, утре учениците или да ја заборават, или да не ја паметат, односно дома воопшто не отвориле книга да ја повторат, или просто не ги интересира. Исто така се случува повторување пред тестирање (ако се повтори, се разбира), ако не, одиме на среќа па што ќе направиме, ќе направиме. После тоа ќе се молиме за оценки итн. Многу е важно, како наставникот пренесува знаења, односно како ги учи учениците, како им објаснува итн. Наставникот е главен менаџер на часот и од него најмногу зависи како ќе им даде волја и мотив за учење на учениците. Оти, реално, имаме наставници кои „душа оставаат во училница“ и не се штедат успешно да го исполнат целиот наставен час, а рака на срце, имаме и исклучоци. И претходно сум посочил и повторно ќе повторам: не смее денешните, ајде да кажеме модерни, технолошни зависни од социјалните мрежи наставници да бидат останати со телефоните в раце, поготово, не, на час (тоа ќе си го остават надвор од работа), ами потребна е посветена работа со децата, љубов, трпение, советување... Таквите модерни и зависни од социјалните мрежи просветари, никогаш нема да ги научат учениците на трајни знаења и вештини и секогаш учениците на час ќе им бидат неспремни, демотивирани и нормално дека ќе им биде досадно. Тоа децата го гледаат и пренесуваат. Меѓутоа така е, затоа што немаме ни строги опомени, ни казни во воспитно-образовниот систем. Додека тоа не се регулира како што треба, образовниот систем ќе остане таков како што е. Не е секогаш до МОН, БРО, ДИЦ... туку до оние што недоучиле како што треба или недозавршиле факултет, а стекнале „титула“ да учат деца. Знаеме денес со колкава брзина се стекнува Диплома и се станува дел во одредена професија. Ама тоа е веќе друг проблем. Одговорност и доследност мора да има. Без нив, нема ни авторитет, ни принцип. Кој како се поставил, така ќе биде третиран и запаметен. И најважно, на работа впрочем се оди со цел и должност, а не, само за плата. Суштинската мисија на секој наставник е да има квалитетно подготвени ученици, односно да очекува резултати од нив, а не, да му е гајле дали нешто учениците запомниле денес на школо, или не. Е, не е лесно, да, ама сите работи зависат од него, оти само со труд и ентузијазам секоја пречка е надминлива. Ни требаат ли толку незаинтересирани во настава? Па искрено, голем минус за нив. Велат: „ама секогаш имало и ќе има такви“, јас велам: не мора и не смее да има такви. За децата секогаш треба да се дава и пренесува најдоброто!

Го заокружуваме првото наставно полугодие, а јас ќе порачам до сите ученици дека е важно и треба да бидат подготвени за било кој наставен час, за било која презентација, или дебата, односно за било што и кога во животот. Ако тоа го совладаат од училиштето, понатаму во животот таа навика само ќе им биде од корист и напредок. На сите ученици и просветари, во новата 2026 година, им посакувам добро здравје, љубов, радост и најубави желби. Среќни новогодишни и божиќни празници!

Автор: професор Александар Адамовски

 

 

 

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите) 

 
 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани