2win800x200

Климентовата интелектуална мисија како парадигма на современото образование (пишува м-р Даниела Петровска)

Декември 09, 2025

Битола - Во секое историско време образованието се јавува како најцврстиот темел врз кој се градат општествените системи како единствената тивка сила што ја преобразува и ја унепредува колективната свест, ја возвишува културата и го насочува човештвото кон повисоки хумани, научни и ументички вредности. Подолго од два милениума филозофската мисла нагласува дека образованието не е само пренесување образовни факти, туку духовен, етички и интелектуален процес кој му овозможува на човекот да се насочи кон своите највисоки можности на талентот и упорноста. Тоа е процес во кој се обликува личноста како субјект на мислата, дејството и одговорноста. Во современите европски педагошки концепти образованието се сфаќа како целоживотна отворена архитектура на учење во која институциите не се затворени острови, туку мрежи на знаење што треба да се поврзуваат, да соработуваат и да создаваат заеднички јазли на идејна и практична размена.

Во таа смисла, соработката меѓу средношколските и универзитетските институции претставува природна и неопходна трансформација на традиционалниот поим за училиште. Средното и високото образование не се повеќе два паралелни система. Тие се две фази од истото патување, две инстанци на истата патека на научното и културното созревање. Кога тие ќе ги усогласат своите стратегии, методологии и визии, тогаш се создава образовен систем во кој младите растат со целосно разбирање на современиот свет и на неговите интелектуални потреби. Истражувањата на бројни европски и светски образовни модели покажуваат дека интегрираниот пристап во кој универзитетите активно учествуваат во животот на средните училишта, а средните училишта се отвораат кон научните институции,  создава поголема мотивираност, поголема академска самодоверба и подобри резултати во долгиот временски тек на развојот на еден ученик. Тоа е спојување на образовни култури во кое се надминуваат класичните административни разграничувања и го третираат образованието како заедничка мисија, а не како институционална обврска.

 Меѓуинституционалното поврзување има силна традиција и во македонскиот културен идентитет. Од времето на свети Климент Охридски кој ја разбирал школата како заедница, како духовен дом каде наставникот не е само носител на знаење, туку и создавач на простор во кој ученикот образовно созрева, тоа е сфатено како заедничка работа. Климентовата Охридска книжевна школа претставува прва вистинска институционална синтеза на културното, богословското и творечкото знаење обединувајќи ги различните нивоа на научна и духовна подготовка. Затоа, во современиот македонски контекст, повикувањето на неговото дело не е само традиционален гест, тоа е повикување кон длабока сонувачка граѓа на македонскиот идентитет дека јазикот, образованието и духовноста се нераздвоиви и дека силата на едно општество зависи од единството на неговите образовни институции. Свети Климент Охридски е темелна фигура во оформувањето на словенската писменост и духовност, ги поставува основите на образовниот и културниот развој на македонскиот простор.  Неговата Охридска книжевна школа се смета за прва систематизирана институција на високо образование кај Словените која создава генерации учени луѓе кои го пренесувале јазичното, богословското и педагошкото наследство. Преку своето мисионерско, преведувачко и учителско дело, Климент ја утврдува културната автономија на народот и поставува долготрајни темели за европската хуманистичка традиција на Балканот, не само за македонските Словени.

Современото значење на свети Климент Охридски во македонската писменост се гледа во неговата трајна улога како симбол на јазичната автономија и на културниот континуитет. Денешната македонска книжевност ја препознава неговата мисија како архетип на образовен и книжевен творец кој не само што го поставува темелот на писменоста, туку и ја артикулира идејата за јазикот како носител на идентитетот и духовната самосвест. Во современ контекст, Климент се појавува како културна матрица, како пример за просветителска етика, творечка дисциплина со хуманистичка ориентација што ги инспирира и ги афирмира современите автори, институции и ги актуализира образовните практики да го негуваат и развиваат македонскиот литературен и јазичен простор.

459a73e3 d25c 4c5e bffc 3baa96e7f978

Токму во овој историски и концептуален контекст се вградува и современата соработка меѓу Универзитетот „Св. Климент Охридски“- Битола и СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“-Битола. Потпишаниот меморандум меѓу овие две институции претставува повеќе од формален договор. Тој е манифест на едно ново образовно разбирање што го следи европскиот тренд на интегрирани практики. Соработката веќе се развива преку научни и уметнички програми, преку менторства, истражувачки иницијативи и креативни проекти што им овозможуваат на средношколците да бидат дел од универзитетската култура на истражување, а на универзитетот му отвора перспективи за континуирано одржување на својата општествена мисија преку поддршка на младинскиот потенцијал.

Во рамките на оваа заедничка визија, значајно е и тоа што одбележувањето на патрониот празник на УКЛО оваа година се совпаѓа со завршната манифестација на Министерството за култура, посветена на 80-годишнината од стандардизацијата на современиот македонски јазик. Оваа историска пресвртница претставува темел врз кој се гради целата современа македонска култура на јазикот како државотворен чин, како основа за образовна стабилност, како носител на национална и европска културна припадност. Уште посимболично е што и Гимназијата ја одбележува својата 80-годишнина од првиот наставен час на современ македонски јазик. Тоа се два јубилеја што се пресретнуваат во заедничка свечена траекторија, покажувајќи дека образованието и јазикот се две нишки на истото културно платно.

 

Токму затоа заедничката свечена академија што се одржа на 4.12.2025 година во Народниот театар Битола, добива длабоко симболичко значење. Таа претставува редок синкретизам на науката и уметноста, на традицијата и современоста, на интелектуалниот ангажман и младинската творечка енергија. Програмата на Универзитетот кој низ повеќедневни настани го слави овие денови својот патрон, св. Климент Охридски, беше облагородена и со изведбата на лирскиот театар СЛОВО ЉУБВЕ во интерпретација на драмската група АНИМА 4 при Гимназијата „Јосип Броз Тито“-Битола,  ја нагласува идејата дека словото е мост меѓу генерации, дека уметноста е јазик на образованието и дека секоја образовна институција има одговорност да го негува духовното наследство додека го отвора патот кон стекнување нови знаења.

 Во оваа интегрирана перспектива, Универзитетот и Гимназијата не настапуваат како два одделени света, туку како две сили на истата образовна мисија. Универзитетот ги носи европските стандарди, научната дисциплина и меѓународните програми меѓу кои  е и COLOURS, додека Гимназијата ги развива средношколските таленти, го негува јазикот и ја гради личната и интелектуалната зрелост на идните студенти. Заедно, тие создаваат образовна целина што го следи духот на Климент Охридски  посветен кон словото, кон знаењето и кон човекот.

Образованието е највисокиот облик на општествена одговорност.  Неговата сила расте кога институциите ќе се препознаат како партнери, а не како изолирани структури. Секоја генерација има должност да го продолжи Климентовото наследство, да гради училишта на мислата, домови на науката, заедници на јазикот.

Затоа, сите ние што веруваме во достоинството на знаењето и во преобразувачката моќ на словото сме дел од оваа заедничка образовна приказна. Во неа, помеѓу традицијата и новите хоризонти, се раѓа иднината што ја заслужуваат младите, а со нив  и целото наше општество.

Автор м-р професор Даниела Петровска

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани