АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик
Со самото влегување во училиште, односно, на наставен час, наставникот - главниот менаџер во наставата, има голем број на обврски и одговорности, за кои треба да биде подготвен секој работен ден, секој наставен час и секогаш во школската средина. Затоа, нели, постојат дежурства на наставници, со цел да се регулира редот во училиштните ходници, училниците, па и надвор во школскиот двор. Но, покрај дежурствата, наставникот, треба да доаѓа подготвен на работа, бидејќи работеме со жива материја, која треба да ја описменеме, да ја надградеме со знаења, вештини, способности, умеења, за да извадеме прави ученици од училиштните клупи. Си сака подготовки, искуство, а најважно – знаење. Без знаење, не се застанува пред деца. Тука да бидеме начисто. Не е важен телефонот, инстаграмот, фејсбукот итн... На школо, се знае зошто се оди и која е целта од секој работен ден. Не, да звучи банално, ама се случува да се судриме во училиштен ходник со колегата/колешката од невнимание при нивно движење и занесени во телефонот, небаре не може тоа да се провери отпосле, кој што ставил, воглавно на Инстаграм. Срамота! Живееме и работиме како Инстаграм – генерација. Но, каков пример оставаат таквите просветари, не само за средината, ами и пошироко?! Груба реалност. Ама, ќе повторам, секоја чест за колеги, што останаа реткост: ѕвони ѕвончето, книгата в раце и на час со децата, а не, кога сакам јас ќе одам на час, а притоа да не водам сметка за ништо. Тоа се нарекува одговорност наспрема неодговорност и неразбраност. После да не се чудиме кога вистината излегува на виделина. Или кога ќе чујам, искрен да бидам, дека требало да се зголеми платата, па си велам дали е нормално тоа да го бара некој, на кого не му се оди на работа за да работи, ами колку да му помине денот. Потребно е прво, преиспитување со себе, а потоа барања... Точно, наставниците треба да бидат многу, многу подобро платени, но, не сите. Секоја минута помината со децата, треба да претставува радост, а не, желба за побрзо да заврши часот. Не е секогаш до фактот, дека биле специфични генерациите, ништо не учеле, итн. Не, не е секогаш така, иако има вистина во тоа, но главната одговорност и примерност, најпрвин треба да тргне од претпоставениот – наставникот и никој друг. Како ние, како просветари ќе бидеме претставени пред учениците, така ќе бидеме и запаметени. Но, тоа е сепак лична свест. Никој, не е должен, некого да го советува како треба да работи. Или те бива, или не. Во секој случај, даскал, како и класен раководител, не може да биде секој и не е за секого. Тоа е јасно како ден.
Одговорностите во наставниот процес ги носеме сите: од Директор, до педагошко-психолошка служба, стручна служба, наставници... и најважно, учениците мора да бидат подобри со однесувањето, иако за тоа постојат педагошки мерки, кои треба да се изрекуваат. Го ставам акцентот на одговорноста на наставникот, затоа што половина ден, тој е со учениците и пред себе има задолженија и обврски што треба да ги исполнува. Всушност, како што сум напишал и порано, наставникот е втор родител на учениците. Неговата мисија е света, ако знае да ја цени и соодветно да ја применува. Поготово, важи за почетниците, кои треба многу да учат, а не, да се срамат или од сезнајност, да прашаат нешто, да се заинтересираат. Постојат добри, а постојат и лоши навики. Добрите, треба да продолжат континуирано, а лошите навики, под итно да се менуваат, оти како кажуваме: децата се огледало на родителите, да, ама на школо, учениците се огледало на наставниците. Така што, има разлика од огледало до огледало. Понекогаш, се случува да се преиспитуваме нормално, затоа што на нашето однесување може да повлијае нерасположение, настинка, и уште многу други причини, што кај децата создава замислувачка слика, но и тоа се решава, кога со убав збор ќе им објаснеме, на пример дека секогаш може да биде подобро. И обратно, се разбира. А не, веднаш да се настапи со негативна реакција. Доброто, убавото, позитивното, се наши темелни одговорности, кои треба секојдневно да им ги пренесуваме на учениците, со цел да го развиваме и пренесуваме чувството на емпатија. Децата се како сунѓер, впиваат сѐ што ќе чујат и од збор до збор го пренесуваат.
Ако знаеме да се почитуваме, да соработуваме, а не, да се препулваме народски кажано, едни со други, ќе одеме напред и ќе бидеме пример за етичките вредности кои ги носеме со себе (кој ги носи, се разбира) и пред генерациите кои ги учиме. Одговорности мора да има, а тие, како што ја насловив оваа моја Колумна, тргнуваат од наставникот!
Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик
(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)