2win800x200

Интервју со битолчанецот Илија Жежов познат физиотерапевт и специјализант по здравствен фитнес

Јануари 21, 2025
Илија Жежов Илија Жежов

 

Интервју со битолчанецот Илија Жежов, познат физиотерапевт и специјализант по здравствен фитнес при факултетот во Белград


Медицината е пасија, додека љубовта кон социјалните мрежи е голема, кога интернетот знаете да го користите за умни и корисни материјали, постови и едукација како за повозрасните така и за помладите, вели нашиот Илија.

Ќе ни раскажете ли малку за студентските денови, вашето вработување па еве сега и специјализацијата во Белград?
Студентските денови беа бурен период, од една страна поголема слобода, од друга страна пак „затвор“, зависи што сакате и колку сакате понатаму да успеете. За мене не постоеше опција да изгубам година, тоа ме стави под голем психички притисок да го совладам обемниот материјал. Во времето кога студирав јас можам да кажам дека навистина се бараше многу. Токму тој дел од студиите денес им недостасува на младите. Инаку излегував, се дружев, се сметав за некој што е забавен и што често е позитивен, така останав и денес на мои 35 години, ама буквално ист.  
Првото мое вработување ми беше во „Катлановска бања“, 12 години поминав токму во таа институција, учев и научив многу од моите повозрасни колеги и колешки.
Ми беше голема чест што имав од кого да научам, за денес  да го применам во своето работење.
Искрено се’ би дал да се вратам во еден таков колектив, денес за жал за сето ова за кое зборувам ретко може да се најде во еден колектив, а уште потешко да се раскажува.
Со специјализацијата продолжив во Белград затоа што Белград ми е во срцето и душата, а искрено сакам да ја исполнам и последната желба на мојата покојна мајка која секогаш сакаше да бидам специјалист, па еве полека и тоа се остварува.
Секако на прво место само здравје ,се друго ќе си дојде по себе.
Каква ни е мислата таков ни е и живот така барем велат старите.

Специјализант по здравствен фитнес, зошто баш ја избравте оваа специјализација во вашата струка?
Го сакам фитнесот , сакам да се живее на половина пат помеѓу здравјето и спортот.
Оваа специјализација за многу кратко време ќе стане специјализација број еден.
Топло им ја препорачувам на младите колеги во изборот на специјализации.

Како би го опишале она што го работите во една реченица?
Се борам за секој пациент да добие најдобар третман и да живее живот без болка.

илија це



Како изгледа една ваша работна недела?
Турбулентна, со многу ангажмани и трчаници на двесте страни, што би се рекло.
Верувале или не, најубавите години ги посветив на професијата, на кариерата и на своите пациенти.
Секако, не застанувам тука и понатаму ќе продолжам со исто темпо.
Пациентот е секогаш на прво место, а мојата хуманост останува и понатаму главен приоритет за сите исто.

Кои се предностите, а кои маните во професијата физиотерапевт?
Предност е што имаме можност да променам нешто во нечиј живот. Предност е и што во главно е ценета и релативно многу добро платена како професија.

Мани се долгата едукација, бавно искачување на хиерархиската скала, долгите работни часови кои со себе носат хроничен стрес и ненаспаност, но како велат „идемо даље до медаље“.

Со која болест најчесто се справувате кај пациентите?
Со скоро сите болести.
Нашата работа е вклучена скоро во секој дел до медицината, така да можам да кажам дека лекуваме се она што вклучува лекување со физиотерапија и помош при секаков вид болки кај пациентите.

Илија, помеѓу помладата и повозрасната популација сте омилен , доста познат и имате интересен и на еден начин едукативен профил. Давате корисни совети за здравјето, како се одлучивте на таков чекор?
Интернетот и социјалните мрежи ги користам за да споделам интересни теми од областа на физикалната терапија.
Знам дека на моите пациенти тоа им е од големо значење и голем интерес, па затоа и често пишувам и споделувам на социјалните мрежи.


Слушнавме доста за вас, за крај каков совет би им дале на оние кои размислуваат да се насочат кон вашата професија?
Да веруваат во себе, да се жртвуваат не 100% туку 200% и да го дадат сето она најдобро од себе за својот пациент.
Верувањето во себе и работата со љубов секогаш носи убав плод.
Да студираат физиотерапија само ако ја сакаат искрено и од душа ,оваа професија си бара многу, а пациентите од вас го очекуваат секогаш најдоброто ,така што внимателно во изборот на професијата. Секогаш и се што прават да прават со многу труд, трудот е нашиот успех, а успехот се нашите пациенти.

Илија, ни беше чест што имаме интервју со вас.
Благодарам исто така и мене, посебно со вас сограѓани од мојата родна Битола.

 

 

ПР текст 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани