
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
БИТОЛА – Бугарскиот амбасадор Желјаско Радуков, синоќа во центарот на Битола, неколку куќи подолу од седиштето на Сојузот на борци во Битола, свечено ги отвори канцелариите на новото бугарско здружение „Балкански мост“. Ова е прво официјално присуство на амбасадорот Радуков во Битола, барем според објавите од бугарските здруженија, по неговото назначување на дипломатската задача.
Здружението „Балкански мост“ функционира од пред повеќе од година дена, но сега доби и канцеларија, сместена, случајно или не, во објект во споредна уличка на Широк Сокак, на ул. „Маркс и Енгелс“, односно само неколку куќи подолу од жолтата зграда каде своевремено живеело семејството на Ароести Нахмијас, пред депортацијата, а сега седиште на потомците на борците од НОБ во Битола. Новото здружение има канцеларија на само неколку минути до улицата „Рузвелтова“ каде се наоѓаше седиштето на сега згаснатиот клуб „Ванчо Михајлов“ или по ново „Една роза“.
На свеченоста синоќа беше присутен и генералниот конзул во Битола, Николај Димитров, како и други дипломати вработени во конзулатот во Битола. Меѓу присутните имаше нови лица од Битола. Новото здружение го води битолчанецот Љупчо Јошевски, а видливо беше присуството и на Георги Црномаров, битолчанец вработен во Генералниот конзулат во Битола, како и бизнисмени и познати културни работници од градот.
За разлика од просторот и уредувањето на внатрешноста на поранешниот клуб „Ванчо Михајлов“ на улицата „Рузвелтова“, каде е видливо дека беа вложени средства за уредување, сега новото седиште на „Балкански мост“ е многу поскромно опремено, со фотографии и со книги, а и ентериерот.
На фотографиите што ги објави здружението се забележуваат скромни фотографии залепени на ѕидовите од македонските дејци и преродбеници – Даме Груев, Григор Прличев… книги за ВМРО и историската борба, за ликот и делото на Гоце Делчев, а доминира литература и авторски книги од Христо Силјанов, македонски револуционер, историчар, деец на ВМОРО, новинар и публицист во Бугарија. Фотографии од светски шампионки во уметничко лизгање од Бугарија. Беа поставени знамињата на Бугарија, Македонија и ЕУ.
„На настанот беа присутни нашите членови, пријатели, поддржувачи, како и претставници од Амбасадата и Генералниот конзулат на Р. Бугарија. Свеченоста ја отвори претседателот на здружението Љупчо Јошевски, со пораката дека треба да ги оставиме предрасудите, да учиме повеќе едни за други и да ја согледаме вистината, само тоа ќе ни донесе напредок и просперитет на патот да станеме дел од европското семејство. Кон присутните поздравни говори одржаа амбасадорот на Република Бугарија Желјаско Радуков и генералниот конзул Николај Димитров. За крај на официјалниот дел бевме поздравени со кратка поезија од нашиот пријател Филип Јовановски“, соопштија од клубот „Балкански мост“.
Ова здружение во изминатиот период покажа дека има друга агенда за разлика од згаснатиот клуб „Ванчо Михајлов“. Тие се умерени во објавите во јавноста и даваат донации во добар дел од битолските институции каде се згрижени деца.
Според објавите, донациите на „Балкански мост“ се позитивно прифатени од битолските институции, како и спортските настани во кои здружението се јавува како организатор.
Текст Анета Блажевска за https://nezavisen.mk/
фото - Балкански мост