2win800x200

На екс директорката Елена Спасеновска ќе и се суди кривично за нанесување „Телесна повреда“ врз вработена по приватна кривична тужба

Февруари 10, 2025
фото Фејсбук  - Елена Спасеновска фото Фејсбук - Елена Спасеновска

Против поранешната директорка на Средношколскиот дом „Мирка Гинова“- Битола, Елена Спасеновска, пред Основниот суд Битола поднесена е приватна кривична тужба од страна на вработената благајничка Јулијана Дракуловска, за нанесување телесна повреда. 

Настанот се случи лани во пролетта, на крајот на април, за што известуваше „АПЛА“ со потврда на информација од СВР- Битола. Во време на инцидентот Спасеновска беше директорка на домот, ја разрешија пред крајот на 2024 година. Дракуловска и тогаш и сега работи како благајник во оваа установа.

 

Официјално од Основниот суд во Битола за „АПЛА“ потврдуваат дека во судот е заведен предмет каде обвинета е Елена Спасеновска екс-директорка на Средношколскиот дом „Мирка Гинова“ Битола.

„Пред Основниот суд Битола е поведена кривична постапка од страна на приватниот тужител Јулијана Дракуловска од Битола, против лицето Елена Спасеновска од Битола, а приватната кривична тужба е поднесена на 30 јануари 2025 година, заради што пред овој суд е оформен кривичен предмет кај судијата Цветанка Никодиноска“, стои во одговорот од судот. Се очекува да биде определен термин за одржување на главната расправа.

 

Минатата недела испративме прашање до Спасеновска како го коментира судскиот предмет против неа, ја потсетивме и денеска, но не добивме одговор. 

Всушност, инцидентот што е повод за оформувањето на овој предмет, се случи на 30 април 2024 година, претпладнето, за време на работно време, кога тогашната директорка на средношколскиот дом Елена Спасеновска, во ходникот на ученичкиот дом, по претходно настаната вербална расправија физички ја нападнала благајничката Јулијана Дракуловска, на очиглед на поголем дел од вработени кои насобрани држеле состанок.

Според описот на настанот од тужителката Дракуловска, тогашната директорка Спасеновска – „Најпрво со рацете ја фатила вработената благајничка за косата и почнала агресивно да ја трга, по што со рака и упатила удар во пределот на главата, со кое дејствие, на приватната тужителка – оштетената и нанела телесна повреда изразена во пределот на главата.“

Поводот за инцидентот бил записник за плата - „Директорката му наредила на правникот без согласност од вработените да ја смени содржината од записникот, а потоа поединечно почнала да ги вика вработените да го потпишат новиот коригиран записник. Откако дел од вработените дознале дека е сменета содржината на записникот се собрале во ходникот и реагирале зошто бил сменет без нивна согласност...“, стои во извештајот од СВР Битола поднесен во тужбата до судот, и понатаму се објаснува - „директорката физички ја нападнала со шлаканица пријавителката, при тоа ја фатила и ја тргала за косата, со што кај неа и останатите присутни вработени предизвикало страв и згрозеност.“

Оштетената благајничка Дракуловска веднаш побарала лекарска помош од повеќе лекари специјалисти, од ургентна медицина, неврохирургија и психијатрија, a настанот истиот ден го пријавила во полиција. Инцидентот вработената Дракуловска го пријавила и во Државниот трудов инспекторат во Битола со објаснување дека подолг период се вршело притисок врз нејзиното работење од страна на директорката Спасеновска. 

Средношколски дом

Средношколски дом Битола 

 

За овој случај беше спроведена предистражна постапка во ОЈО Битола против тогашната директорката Спасеновска, но за кривично дело „Насилство“ од член 386 став 3 од Кривичниот законик, во кој предмет обвинителството ја отфрли кривичната пријава поднесена против неа, наведувајќи дека во конкретниот случај станувало збор за телесно повредување врз вработената, односно кривично дело „Телесна повреда“ од член 130 став 1 од Кривичниот законик, кривично дело за кое гонењето се презема по приватна тужба.

Инаку, против Елена Спасеновска, како службено лице - директорка на Средношколскиот дом во Битола, СВР Битола лани поднесе кривична пријава поради основано сомнение за сторени четири кривични дела „злоупотреба на службена положба и овластување“, „несовесно работење во службата“, „фалсификување исправа“ и „употреба на исправа со невистинита содржина“, сите од Кривичниот законик. Истрагата започна по новинарско истражување објавено во порталот „АПЛА“.  Се чека Основното јавно обвинителство во Битола да се произнесе по кривичните пријави на битолската полиција за Спасеновска.  

 

Анета Блажевска

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани