ГРАДЕЖНИТЕ АКТИВНОСТИ ЗА ИЗГРАДБА НА ВЛЕЗОТ ВО БИТОЛА ОД ПРИЛЕП ПРОДОЛЖУВААТ СПОРЕД ПЛАНИРАНАТА ДИНАМИКА
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, советникот Бојан Бојкоски и претставници од општинската администрација, денес извршија увид на работните активности за изградба на влезот во Битола од страната на Прилеп, каде во тек е реконструкција на линиската инфраструктурна градба на улица „8 Септември“.
При увидот беше констатирано дека, работите се изведуваат согласно договорот, а во моментот се врши реконструкција со дислокација на мешовита канализација од која 550 метри веќе се изведени, што вклучува: машински ископ на каналски ров, поставување на песок, поставување на коругирана ПЕ канализациона цевка и насипување; како и изработка на армиранобетонски потпорен ѕид, односно: ископ, вградување на бетон, армирање и бетонирање на темели во должина од 27 метри.
Во досегашниот период реализирани се околу 20% од вкупниот договор за проектот и тоа: изградена е атмосферска канализација со должина од 735 метри, мешовита канализација во должина од 550 метри, водоводна мрежа во должина од 270 метри и изградба на коловоз - 8,5 % од вкупниот договор за реконструкција и доградба на коловоз.
До средината на летото, планирано е да се изврши асфалтирање на едната (левата) коловозна лента, при што ќе може да се пренасочи сообраќајот по новоасфалтираната коловозна лента со цел побезбедно спроведување на градежните активности на десната лента, а притоа и непречено одвивање на сообраќајот.