Младиот Ален Рустемов, кој со своите 20 години бележи големи боксерски успеси, со високи резултати ја заврши и изминатата 2024 година, гордо веејќи го македонското знаме. Имајќи ја предвид неговата исклучителна талентираност, спортска подготвеност и издржливост, наградена со многу медали и признанија, градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, одржа состанок
со Рустемов на кој беше направена кратка ретроспектива на досегашните достигнувања, но се потенцираа и идните планови, како и поддршката од општината.
Рустемов, меѓудругото освои златен медал на Балканското првенство за сениори во Лозница, Србија, стана државаен првак, а Федерацијата го прогласи за најуспешен сениор во 2024 година. Без пораз ја заврши сезоната во Првата бокс лига на Македонија, како и Опен Балкан купот, каде што настапуваат боксери од Македонија, Србија, Албанија и Босна и Херцеговина. Ален учестуваше и на Европско првенство за сениори во Софија, Бугарија, а потоа освои злато на Меѓународниот боксерски турнир Гранд при Загреб и златен медал и на Меѓународниот турнир „Мирослав Петровиќ“ во Куманово, при што беше прогласен за најдобар боксер на турнирот.
Пред Рустемов е и 76 Интернационален турнир „Странжа“, кој ќе се одржи од 22.02 до 03.03 во Софија, Бугарија со учество на 25 учесници.
Градоначалникот Коњановски, му честита на Рустемов за неговите достигнувања и нагласи дека општината веќе е подготвена да обезбеди поддршка за неговиот личен напредок, но и соодветни услови за тренинзи на сите оние кои сакаат да се занимаваат со овој спорт. Поддршката на Ален Рустемов, во износ од 300.000 денари, беше планирана во буџетот на општината за 2025 година, а за доделување на истата, денес беше донесена одлука од страна на Комисијата за спорт.
Покрај финансиската поддршка од општина Битола, градоначалникот Коњановски го информираше Рустемов дека, општината на врвот на своите приоритети ја стави и изградбата на боксерската сала, за што веќе се обезбедени финансиски средства, во рамките на 16 те проекти со кои аплицираше локалната самоуправа и ќе бидат поддржани од Владата на Република Македонија.
Тоа ќе биде место за тренинг и подготовка на битолските и македонските боксери и ќе биде изграден на просторот на стариот боксерски клуб, веднаш до стадионот „Петар Милошевски“.
Градоначалникот Коњановски, нагласи и дека ваквите млади таленти, не само што треба да добијат поддршка, туку и активно треба да бидат вклучени во планирањето и реализацијата на спортските активности и програми. Токму затоа, Ален Рустемов, доби предлог од градоначалникот да биде вработен во општина Битола, како лице со обврски и задолженија во спортските објекти со кои управува општината.