На 4 јуни 2025 година, во просториите на НУ Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Битола се одржа свечен литературен настан насловен „Магичен ден со бајките на браќата Грим“, организиран со цел да се поттикне љубовта кон книжевноста, особено кон класиците на детската литература. Настанот се реализира во соработка со учениците и наставниците од ООУ „Даме Груев“- Битола.
Свеченото отворање беше збогатено со изведба на песната „Во светот на бајките“, што ја исполнија ученици од прво и четврто одделение.
Учениците од германската секција при ООУ „Даме Груев“- Битола преку кратка презентација, литературно читање и театарска изведба го претставија животот и творештвото на браќата Јакоб и Вилхелм Грим. Двојазичната изведба остави силен впечаток и значително ја збогати интеркултурната димензија на настанот.
Настанот „Магичен ден со бајките на браќата Грим“ беше успешен и инспиративен. Учениците покажаа високо ниво на ангажираност, креативност и тимска работа, а настанот остави позитивен и траен впечаток врз сите присутни.
Ваквите активности претставуваат мост меѓу образованието, книжевноста и уметноста – збогатувајќи ја наставата на забавен, едукативен и културолошки значаен начин.