
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Интервју на м-р Емилија Стефановска-Давкова, директор на Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола за весникот „Јавност“
Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола ја води со јасна визија за нејзина трансформација во современ, инклузивен и дигитално напреден културно-образовен центар. Нејзините заложби се насочени кон долгорочно зачувување на македонското книжевно и културно наследство преку системска дигитализација, поттикнување на читачката култура меѓу младите, и обезбедување рамноправен пристап до знаење за сите граѓани. Посветена на континуираната едукација на кадарот и интернационализација на институцијата, директорката м-р Емилија Стефановска-Давкова ја позиционира библиотеката како столб на националниот идентитет и жив простор на дијалог, истражување и духовен напредок. Стефановска-Давкова е правник, професор по англиски јазик и докторанд по меѓународно право, со повеќегодишно искуство во високото образование, со научно-истражувачки проекти од областа на правото, политиката, културата и библиотекарството и е автор на повеќе домашни и странски научни публикации и трудови.
Јавност: Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ има клучна улога во академскиот и истражувачкиот живот на нашата земја. Како ја оценувате нејзината мисија денес, особено во контекст на современите образовни и научни предизвици?
Стефановска-Давкова: Националната установа-Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ Битола има суштинска улога во поддршката на академската заедница преку обезбедување пристап до релевантни извори на знаење и дигитални ресурси. Нејзината функција е не само пасивна (чување и дистрибуција на информации), туку и активна – преку креирање услови за академска соработка, научна продукција и развој на истражувачки капацитети. Во услови на дигитализација, Библиотеката е повикана да одговори на различни предизвици преку: развој на дигитални колекции и архиви кои би ги привлекле научниците, професорите, студентите и сите оние коишто сакаат да истражуваат; промоција на дигиталните бази на податоци, кои се следни за промоција на факултетите при нашиот Универзитет „Св. Климент Охридски“-Битола, но и на другите приватни високообразовни институции во околината, па и на државно ниво; набавка на стручна и научна литература, што е една од основните заложби истакнати во мојата програма за работа, со цел да се привлечат повеќе студенти и професори да станат членови на нашата богата библиотека. Со тоа би се зголемил мотивот на овај тип на корисници и би се поддржала науката, идните програми и образованието во целост. Исто така, би сакала универзитетските библиотеки во рамки на УКЛО, на којшто сме и ние придружна членка, да се вмрежат во COBISS програмата, со цел вклучувањето на универзитетските библиотеки на УКЛО во COBISS (Co-operative Online Bibliographic System and Services) што е клучен чекор за зголемување на академската видливост, цитираноста на професорите и подобрување на позицијата на универзитетот во меѓународните рангирања. Со ова би се зајакнал значително и кредибилитетот на нашиот Универзитет „Св. Климент Охридски“-Битола.
Јавност: Според најновите европски истражувања, интересот за читање повторно зазема важно место кај младите генерации. Дали, според Вашите согледувања, ваквиот тренд е препознатлив и во македонскиот контекст?
Стефановска-Давкова: Се забележува зголемување на трендот за читање, посебно помеѓу помладите, но сепак, останува предизвикот за системска промена преку промоција на литературната писменост преку образовниот систем, библиотеките и воопшто, културните политики, со цел да се трансформира овој тренд во одржлива навика и културен напредок. Читањето кај младите придонесува кон унапредување на образовното ниво, зајакнување на културната свест и стимулирање на интелектуалниот потенцијал, што претставува суштинска основа за сеопфатен општествен развој и напредок на нацијата.
Јавност: Дигиталната трансформација на библиотеките станува неопходност. Колку досега е направено во однос на дигитализацијата на библиотечниот фонд и кои се приоритетите на НУУБ во таа насока во блиска иднина?
Стефановска-Давкова: Во контекст на процесот на дигитализација на библиотечниот фонд при НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола, досега е целосно дигитализиран сопствениот издавачки опус на институцијата. Овој процес опфаќа книги, периодични изданија, библиографии, научна литература, каталози, зборници, ракописи, статии, разгледници и други видови публикации, со што се обезбедува нивна долгорочна заштита, полесна достапност и интеграција во современите дигитални библиотечни системи. Додека, во блиска иднина, приоритетите на НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола во областа на дигитализацијата се насочени кон проширување на дигиталната колекција преку дигитализација на раритетните книги пред сè, но и други вредни материјали од библиотечниот фонд, вклучително и архивски документи, други стари ракописи и книжевното и научно наследство со висока културна и историска вредност. Исто така, тоа бара и интеграција со други меѓународни дигитални библиотеки со цел афирмација на македонското културно наследство во глобален контекст. Со стручни лица, јас разговарам за примена на напредни технологии и автоматизирани алатки за дигитална конзервација и поттикнување на академската фела и целокупната јавност за употреба на дигиталните ресурси преку образовни и истражувачки иницијативи, како и интензивирање на меѓуинституционалната соработка со домашни и странски партнери за размена на знаење, искуства и добри практики.
Јавност: Управувањето со институција од национално значење несомнено носи бројни одговорности. Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате како директор и како се справувате со нив?
Стефановска-Давкова: Најголемите предизвици со кои се соочувам како директор на НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола се поврзани со обезбедувањето на соодветни ресурси - финансиски, просторни, технолошки и човечки - неопходни за континуиран развој и модернизација на библиотеката. Недостатокот на специјализиран кадар, континуирана едукација и усовршување на вработените, претставуваат значајна пречка за целосна имплементација на стратешките приоритети. Дополнително, зачувувањето и заштитата на библиотечните материјали, определувањето на нов магацински простор и негово опремување за правилно чување и заштита на книгата, посебно за архивскиот примерок, што е најголемо богатство на нашата библиотека која од 1954 година е и депозитна, што значи дека се што е напишано во нашата држава мора да биде доставено и во оваа библиотека, е навистина сериозен и голем предизвик. Покрај тековните предизвици, посебно алармантно прашање претставува потребата од итно реновирање и реконструкција на кровната покривка на старата зграда на библиотеката, која е заштитен објект под надлежност на НУ Завод и музеј - Битола. Овој проблем не само што влијае врз безбедноста на објектот и библиотечниот фонд, туку и претставува пречка за понатамошен развој на институцијата како културна установа со историско значење. Решавањето на ова прашање бара координација со надлежните институции, обезбедување финансиски средства и почитување на строгите критериуми за заштита на културното наследство.
Активно работам на воспоставување и јакнење на соработката со домашни и меѓународни институции, за пристап до проекти и нови извори на финансирање. Исто така, тука ќе спомнам дека вршиме и анкетирање, онлајн и на шалтер на сегашните и наши идни, потенцијални корисници и спрема желбите и нивните потреби, врз основа на анкетите вршиме набавка на книги, со посебен акцент на стручната и научна литература што ја има во помал обем, со цел да се привлечи и студентската популација.
Посветена сум на создавање на мотивирачко работно опкружување, поинтензивна обука на вработените и воведување на нови технологии и дигитални алатки кои ќе овозможат поефикасна организација и поголема достапност на библиотечните материјали. Сето ова го правам со цел библиотеката да продолжи да се развива како современа, иновативна и отворена институција, да биде многу попривлечна и подостапна за сите категории на корисници.
Јавност: Професионалниот кадар е срцето на секоја библиотека. Каква е моменталната кадровска структура во НУУБ и дали постои системска поддршка за постојана едукација и унапредување на вработените?
Стефановска-Давкова: Библиотеката во овај момент, се соочува со недостаток на специјализиран кадар, за којшто е неопходна континуирана професионална едукација и усовршување, преку обуки коишто ги планирам при првата сесија во септември, 2025 година за да може понатаму да се реализираат стратешките цели и плановите коишто ги зацртав претходно во мојата програма.
Јавност: Годинава одбележавте значаен јубилеј - 80 години постоење на Универзитетската библиотека. Какво значење има оваа годишнина за институцијата, а како беше одбележана за јавноста?
Стефановска-Давкова: Прославата на значајниот јубилеј - 80 години од основањето на институцијата, која беше формирана веднаш по АСНОМ, на 25 март 1945 година - беше организирана на високо протоколарно и содржинско ниво. На настанот присуствуваше Претседателката на Република Македонија, проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова, заедно со бројни истакнати личности и претставници на локалната и државната власт, присуство и активно учество на Ректорот на УКЛО, Градоначалникот на Општина Битола, како и други истакнати личности од академската фела. Прославата беше оценета на многу високо ниво од страна на јавноста и медиумите, а на истиот настан беше промовирана и мојата публикација „НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола: Историја и развој (1945–2025)“, од страна на проф. д-р Елка Јачева-Улчар. Овој јубилеј претставува суштинско потврдување на длабоките корени на нашиот културен и јазичен идентитет, како и на континуитетот за долгогодишниот, повеќевековен, историски развој на нашиот македонски јазик.
Јавност: Промоцијата на читањето кај младата популација претставува суштински предизвик. Какви активности и програми реализирате со цел да ги вклучите децата и младите во културата на читање?
Стефановска-Давкова: Во текот на осум децении, НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола се изгради како еден од најзначајните културни и образовни центри на регионот. Со своето континуирано делување, библиотеката не само што служи како книжевен храм, туку и како простор за дијалог, учење и креативност. Преку организирање на бројни настани, одбележување на значајни датуми и промовирање на читањето, библиотеката активно придонесува кон развојот на културата и писменоста. Нејзините активности се насочени кон сите генерации, поттикнувајќи љубов кон книгата, информираност и критичко размислување.
Јавност: Пристапот до библиотечни услуги во руралните средини или кај социјално ранливите категории граѓани останува ограничен. Дали библиотеката има стратегија за подобрување на оваа состојба и за обезбедување инклузивен пристап?
Стефановска-Давкова: Да, НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола е свесна за предизвиците поврзани со ограничениот пристап до библиотечни услуги во руралните средини и кај социјално ранливите категории граѓани,па во оваа насока се планираат теренски активности и библиотечни услуги преку соработка со локалните заедници и училиштата во руралните средини. Уште на почетокот на учебната година, т.е. од септември месец, веќе се испланирани некои активности и настани коишто ќе бидат реализирани со основни училишта од руралните средини, со цел да се поттикне читањето и писменоста и да се унапреди образовното и културно ниво и на тие деца.
Јавност: Каква визија имате за развојот на НУУБ „Св. Климент Охридски“ во наредната деценија и кои приоритети ќе ја водат институцијата во соочувањето со современите општествени и технолошки предизвици?
Стефановска-Давкова: Приоритетите на НУУБ „Св. Климент Охридски“- Битола за наредниот период се насочени кон севкупен развој на библиотеката како современ, функционален и културно-образовен центар. Во таа насока, во фокусот се збогатување на книжниот фонд со современа литература наменета за сите возрасни категории; обезбедување соодветен простор за долгорочно сместување и заштита на библиотечниот материјал; интензивирање на процесот на дигитализација на книжниот фонд; заштита и конзервација на библиотечните добра, со особен акцент на книжното наследство како дел од културната меморија.
Дополнително, се предвидува натамошно технолошко опремување со современа информатичка технологија, како и усогласување и редакција на базите на податоци со националниот библиотечен систем. Посебно внимание се посветува на континуирана обука и стручно усовршување на кадарот, особено во рамките на програмата COBISS, како и на активно учество во културни манифестации, промоција на книгата и читањето. Библиотеката ќе продолжи со интензивна соработка со медиуми, институции, здруженија и друштва од областа на културата, науката и образованието, следејќи ги и применувајќи ги најновите светски трендови во библиотечната дејност.
Како значајни цели се истакнуваат и поддршката на заеднички програми од општ интерес, организирање на разнородни настани, работилници и културни активности прилагодени за сите возрасни категории, како и продлабочување на соработката со училишта, универзитети и локални организации, со цел унапредување на улогата на библиотеката како релевантен едукативен, културен и општествен ресурс во регионот.
Јавност: Каква е улогата на библиотеката во зачувување и промоција на македонското културно и книжевно наследство?
Стефановска-Давкова: НУУБ „Св. Климент Охридски“ - Битола е чувар на колективната меморија преку систематско собирање, обработка, чување и достапност на национално значајни изданија, ракописи, библиографии и други документи кои сведочат за историјата, книжевноста и културната продукција на македонскиот народ.
Преку својата издавачка дејност, библиотеката активно придонесува кон афирмација на домашното научно и културно творештво, обезбедувајќи двојазични изданија кои го олеснуваат нивното интернационално претставување. Дополнително, со процесот на дигитализација и конзервација на книжното наследство, таа овозможува долгорочна заштита и поширока достапност на значајните дела, што е особено важно за младите генерации, академската заедница, но и нашиот народ во дијаспората.
Преку изложби, предавања, трибини и учество на меѓународни културни соработки, библиотеката активно ја промовира македонската културна традиција, создавајќи врски меѓу минатото и современите културни практики. Со оваа мисија, библиотеката се позиционира како активен учесник во зачувувањето на националниот идентитет и таа е мост меѓу културното вековно наследство и иднината.
Текст Гордана Гравче - Ивановска за „Јавност“