2win800x200

Музејот Јени џамија во Битола повторно е под клуч, шест месеци по отворањето

Јуни 18, 2025

БИТОЛА – Повторно е под клуч Музејот на христијанско–исламското културно наследство  Јени џамија во Битола. Среде лето во услови на зголемена туристичка посетеност на Битола, музејот Јени џамија во строгиот центар на градот, е затворен за посетителите и со катенец на врата. Од Завод и Музеј Битола велат дека ќе се изведуваат нови градежни работи.

Битолчани, но и туристички работници од градот забележеуваат дека музејот е под катанец без известување за што станува збор.

А музејот свечено беше отворен на крајот на ноември лани, што значи пред само половина година.

„Музејот е под клуч, единствено останува на гостите да им ја претставме надворешноста на објекот и застаклениот дел пред самиот влез во музејот. Штета што во услови кога имаме зголемен број на европски и турски туристи, не можат да ја видат убавината на овој музеј во внатрешноста“, реагираат туристички работници.  

Објектот е еден од најзначајните историски споменици во Битола оставен како сведоштво за отоманската архитектура од 16. век, објект со длабоки темели на црквата „Св. Ѓорги“, христијанска некропола и високо издигната џамија.

Директорот на Завод и Музеј Битола, Зоран Николовски, за „Независен“ потврдува дека музејот е затворен поради тоа што институцијата ќе продолжи со градежни работи во вториот дел од објектот и вели дека сигурно ќе се работи цело лето. Уште на самата свеченост лани есента беше кажано дека нереставриран останува молитвениот дел од објектот, за кој Завод и Музеј ќе аплицира со проект до Министерството за култура за да добие средства да се дозаврши рестварацијата на целиот објект, а ќе бара пари и од други донаторски организации.

„Со капиталниот проект за реставрација и конзервација на Јени џамија, се очекува во наредните три години, целосно да се завршат градежните и конзерваторски работи, во вториот дел на џамијата, т.н. Молитвен дел. Ова е капитален проект за нашата институција од областа на заштита на културното наследство, во целост поддржано од Министерството за култура“, изјави директорот Николовски за „Независен“.

Минатата недела во посета на Завод и Музеј Битола беше министерот за кутура Зоран Љутков, кој за музејот Јени џамија најави подолгорочни градежни зафати.

„Обезбедивме 4,2 милиони денари за конзерваторски и реставраторски работи на ентериерот на Јени џамија (12 милиони денари за три години)“, истакна министерот. 

Според најавите, Музејот требаше да биде отворен за посетители секој работен ден од 10 до 14 часот и се очекуваше да ја зајакне туристичката понуда на Битола.

Oворањето на музејот беше дел од одбележувањето на 90-годишнината од основањето на Заводот и Музеј во Битола. Археолошките истражувања во Јени џамија започнаа во 2003 година и резултираа со целосна реставрација на првиот дел од објектот.

Реставрирани се екстериерот на објектот, тремот и подот, од каде низ застаклени сводови се гледаат темелите на црквата.

Јени Џамија под клуч

Всушност, откриени се разни фази од сакралниот објект кои датираат од 7. до 11. век. Црквата „Св. Ѓорѓи“ по габарит е многу поголема од Јени џамија и затоа има застаклени делови пред џамијата каде се гледаат дел од ѕидовите и темелите на црквата.

Археолозите најдоа и сребрен печат со ликот на Свети Ѓорги и втор печат со ликот на Мајката божја во позиција на молење. За најголем пронајдок се смета откривањето на пекторален медалјон со изгравирани фигури на светци, обвиен во позлата.

Џамијата има квадратна основа, покриена е со купола и веднаш до неа се издигнува минаре со висина над 40 метри. Во 2018 година, по три години работа, заврши реставрацијата и конзервацијата на фасадата на Јени џамија чии име на турски значи „нова“. Реставрацијата на фасадата чинеше над 15 милиони денари и со овој зафат вратен е стариот лик на објектот како од пред петстотини години, од владеењето на Турците на овие простори. При обновата беше користен лим од олово за куполите, набавен од Турција и варов малтер од Италија, што според стручните лица од Музејот беше прв пат да се користи малтер на толку голема површина на надворешна фасада со оглед на тоа што каменот е нерамен. Реставрацијата е успешно изведена.

Пред 2003 објектот беше Галерија, а Исламската верска заедница (ИВЗ) водеше и судски спор за да го добие имотот, но го загуби.

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани