
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Левица е втора политичка сила во Битола и има рејтинг повисок од СДСМ меѓу битолчани, тврди советникот во Советот на Општина Битола од Левица, Горан Велевски.
За „АПЛА“ Велевски, открива дека спроведени се предизборни анкети во Битола од страна на Истражувачко-аналитички центар „Рацин“ и резултатите се охрабрувачки за Левица. По рејтингот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, на второ место се левичарите на Димитар Апасиев. Во Советот на Општина Битола Левица има двајца советници, Горан Велевски и Гаврил Трајковски.
„Според истражувачкиот-аналитички центар „Рацин“ кој ги анкетираше битолчани, Левица е втора политичка сила во Битола, овие информации се цврсти и убедливи како и за многу други градови во Македонија. Анкетите се во тек, па штом ги официјализираме ќе бидат достапни до медиумската јавност“, изјави Велевски за „АПЛА “.
Тој додава дека од пред извесен период испратена е јавна кандидатура до битолчани кои имаат своја визија за градот и идеологија блиска до левичарската. Па вели дека се уште трае овој процес така што не се исклучува можноста Левица да настапи со свој кандидат за градоначалник во Битола на претстојните локални избори.
На неофицијалните информации и прашањето дали Левица ќе ја поддржи како кандидат за градоначалник во Битола, Габриела Илиевска од Поинаку, доколку се кандидира на претстојните избори како кандидат на опозицијата во Битола, вклучувајќи ја поддршката и од СДСМ, советникот Велевски изјави дека не би можел да кажи дали Левица ќе ја даде поддршката за Габриела Илиевска (актуелна претседателка на Советот на Општина Битола) додека не се официјализира кандидатурата на Левица и не се скрои советничката листа во целост.
„Со претседателката на Советот Илиевска сме разговарале околу оваа тема, но не е оформен став од двете страни. Транспарентни и отворени сме за разговори со сите партии за подобро решение за градот и битолчани“, изјави Велевски за „АПЛА“
Според него советничката листа на Левица која ќе се „трка“ на следните локални избори е веќе оформена со успешни кадри, а за тоа кој ќе биде носител на листата се уште не е одлучено.
„Според резултатите од последните избори, теренските активности и анкетите, очекуваме да освоиме гласови за повеќе од 5 советници во Битола. Да потенцирам дека Советот како законодавна власт е многу побитен од позицијата градоначалник, но тоа до сега во пракса се покажува како несвојствено, бидејќи не се запазуваат законите определби врз одлуките од страна на градоначалникот“, нагласува Велевски.
Текст Анета Блажевска