2win800x200

Читање – НЕ МОРА ДА „МОРА“ (пишува Ана Салтирова Давидовски)

Јули 07, 2025

пишува Ана Салтирова Давидовски

 

Ќе почнам со една од моите омилени изреки од Петре М. Андреевски:

„Да се прочита макар една добра книга е како да си украл нечие туѓо време и со него да си го продолжил своето.“

И навистина, читањето е како разговор со авторот – разговор во кој тој или таа ни го дава најдоброто од себе.
Зад секоја книга се кријат часови и денови на истражување, читање, размислување, препрочитување, сублимирање, дотерување, полирање, понекогаш поедноставување, а понекогаш и намерно задлабочување.

Но... да бидеме искрени – времето во кое живееме е многу брзо.
Читањето често е првата „жртва“ на секојдневието.

И јас го почувствував тоа. Особено кога за првпат станав мајка.
Одеднаш, немав време да читам. Или поточно – немав време да читам онака како што читав пред да имам бебе.

Тогаш, седнав и си направив една брза математика.
И знаете што? Таа математика ми го промени начинот на кој гледам на читањето.
Сега ја споделувам со вас, заедно со повикот да се вклучите во мојот 4-неделен Читачки предизвик – за деца и ГОЛЕМИ, сами или со вашите деца.

Брзата МАТЕМАТИКА за читање:

  • Просечен возрасен чита околу 200 зборови во минута.
  • На една страница од книга има приближно 300 зборови.
  • Ако читате само 15 минути дневно, тоа се околу 10 страници на ден.
  • Ако останете доследни и читате секој ден цела година → ќе прочитате 3.650 страници.
  • Поделено со 250 страници по книга → тоа се 14 книги годишно, плус почеток на петнаесеттата!

Ако се држите до овој 4-неделен предизвик, веројатно конечно ќе ја прочитате токму онаа книга која одамна ве чека на полицата, онаа која „ви зборува“ кога ќе минете покрај неа
(не знам за вас, ама кај мене тие книги ми зборуваат гласно).

Симнете Читачкиот предизвик – за ГОЛЕМИ и мали https://anasaltirova.mk/predizvici/.

 

Predizvik sliki

Читањето е многу повеќе од навика

За нашите деца, а и за нас, читањето не е само навика или обврска од училиште.
Тоа е пат кон нови светови и идеи што остануваат засекогаш со нас.

НО, реалноста денес е поинаква.
Книгите имаат силна конкуренција – телефони, видеа, социјални мрежи...

Истражувањата велат дека колку помалку децата читаат, толку потешко им е да почнат да читаат. А познатиот маѓепсан круг:

  • Колку помалку читаат → толку помалку им се допаѓа.
  • Колку помалку им се допаѓа → толку помалку читаат.

 

Да бидеме пример!

Да бидеме тие што ги инспирираат децата да читаат – со книга во рака, а не само со зборови. Да ги научиме на „брзата математика“ за читање. Џокер од мојот ракав: кај децата оваа математика ја споредувам со времето што го поминуваат пред екраните – пробајте.

➡ Симнете го 4-неделниот Читачки предизвик за деца и ГОЛЕМИ (https://anasaltirova.mk/predizvici/), и помогнете им на вашите деца да видат дека секогаш има време за книга.


Бидете слободни да повикате и други ГОЛЕМИ и мали да се приклучат во овој предизвик.
А ако сакате – споделете ги вашите читачки моменти и на социјалните мрежи со хаштагот #ЛиченИзбор – ќе ми биде мило да ве видам!

Ви се радувам на искуствата!

Ана Салтирова Давидовски е автор, NLP тренер и coach, тренер за личен и организациски развој, искусен HR професионалец кој од 2005 година расте и твори во HR светот и активно работи на развивање и испорака на обуки за меки вештини. Исто така, ја покрена и Kампањата #ЛиченИЗБОР која има за цел свесна промена на фокусот на мислата за враќање на доброто расположение повторно во мода, во која креира материјали за личен развој, како и материјали за родители/деца (за поддршка на родителите во подготовка на децата за светот на големите, погледни го #КЛУБзаРОДИТЕЛИ и #NLPзаДЕЦА). Во склоп на оваа кампања е и интерактивната книга #Благодарам која во првата година се најде на листата на 20 најпродавани книги преку КупиКнига.мк, а третото издание е со фонтот на дислексија под мотото Секој може!, книгата „50+ идеи за #Благодарам“, исто така, свое место заземаат и: игрите и картите #Благодарам, играта и картите #КакоМОЖЕ, недатумираните планери, односно „Годишен планер ЗА…“ и „Планер за СРЕЌНИ родители“, кои се поддршка во развојот на посакуваните навики/вештини, како и други материјали (повеќе на www.AnaSaltirova.mk).

 

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите) 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани