Потпишан договор за зголемена енергетска ефикасност на ЈП "ВОДОВОД"
Во Министерството за животна средина и просторно планирање, денес се потпишаа договорите за техничка и финансиска поддршка во рамките на проектот: „Отпорни и ефикасни комунални претпријатија во Северна Македонија", кој се реализира во соработка помеѓу Владата на Република Северна Македонија, застапувана од Министерството за животна средина и просторно планирање и Владата на Швајцарската Конфедерација, застапувана од Државниот секретаријат за економски прашања (SECO). Седум општини, меѓу кои и општина Битола, ќе бидат корисници на фондовите наменети за овој проект.
За општина Битола, договорот го потпишаа градоначалникот Тони Коњановски и директорот на ЈКП „Водовод“ Андреј Гинов.
Главната цел на проектот е да ја зголеми отпорноста и ефикасноста на комуналните претпријатија за водоснабдување и отпадни води во услови на климатски промени, енергетски кризи и емиграција. За да се постигне ова, проектот има за цел да ги подобри оперативните и финансиските перформанси на јавните комунални претпријатија и истовремено да ги зајакне сопствените капацитети за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија. Клучните фактори на поддршка за успех вклучуваат постепена надградба на комуналната инфраструктура, како и подобрување на регулаторната и институционалната рамка.