СЕ РЕКОНСТРУИРА УЛИЦАТА „16-ТА“, А НАСКОРО ЗАПОЧНУВА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА И НА УЛИЦАТА „ДАМЕ ГРУЕВ“
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, заедно со советникот Бојан Бојкоски и претставници од Одделението за комунални дејности, денес извршија увид на активностите за реконструкција на улицата „16-та“ – профил 1 од првата фаза. Вкупната вредност на оваа фаза изнесува 1.397.934 денари, а проектот е прилагоден според состојбите на теренот за непречена реализација.
При посетата беше извршен и увид на улицата „Даме Груев“, каде наскоро ќе започнат работите за реконструкција на коловозот. Проектот е поделен на три краци: Крак 1 – 190,77 м, Крак 2 – 59,32 м и Крак 3 – 158,90 м. Хоризонталното и вертикалното решение се изработени согласно постојната состојба, со цел да се зачуваат карактеристиките на улицата и пристапите до објектите.
Во рамки на проектот ќе се изгради нова водоводна мрежа за квалитетно водоснабдување и ќе се реконструира мешовитата канализација, која во моментот е во лоша состојба со бетонски цевки Ø200.
Со овие активности, локалната самоуправа продолжува да ги унапредува инфраструктурните услови на повеќе локации во градот, обезбедувајќи поголема безбедност и подобар квалитет на живот за жителите.