
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Предлогот на Основното јавно обвинителство Битола е прифатен од Кривичниот совет на Основниот суд во Битола и на осомничениот сопственик на правното лице „Марковски компани“ му е определена мерка притвор, соопшти вечерва ЈОРСМ. Со ова, како што се наведува во информацијата, е уважена жалбата и аргументите изнесени од битолското обвинителство, особено во поглед на ризикот од бегство на осомничениот, и е преиначена одлуката на судијата на претходна постапка.
– ОЈО Битола се уште не е известено за одлуката по поднесената жалба на мерката куќен притвор за осомничениот раководител во РЕК, посочуваат од ЈОРСМ.
Битолското обвинителство денеска поднесе жалба за одлуката на Судот, со која се предвидуваше двајца од осумте осомничени во истрагата за злоупотреби со јавните набавки во РЕК „Битола“ да одат во куќен притвор. Од Обвинителството од Битола бараа мерка затворски притвор, а како причина за тоа се наведуваа ризици од бегство на осомничените. Притвор се бараше за еден од раководителите на Рудници во РЕК „Битола“ и за Борче Марковски, сопственикот на фирмата „Марковски компани“, која претходно ги добивала тендерите во Комбинатот и која како правен субјект се сомничи во случајот. Судот ја преиначи одлуката и одреди мерка притвор за Марковски.
Како што синоќа информираа од ОЈО Битола, надлежниот јавен обвинител не се согласи со одлуката на Судот, имајќи ги предвид ризиците од бегство на осомничените, посебно што Марковски има значителен имот во друга држава. Од тие причини Обвинителството вложи жалба на одлуката на Судот и бара мерка затворски притвор.
На ваквата одлука на битолскиот суд реагирааше ВМРО-ДПМНЕ, од каде сметаат дека ваквиот потег е срамен, потенцирајќи дека нема да дозволат, како што велат, судството на СДСМ и ДУИ да ги ослободува криминалците.
– Срамна одлука на Судот, газдата на Марковски компани со стотици милиони местени тендери во РЕК наместо во затворски притвор, доби куќен притвор. Газдата на Марковски компани е фатен инфлагранти како испумпува пари од РЕК со документи и докази е заштитен од судот на СДС и ДУИ. Газдата на Марковски компани мора да каже каде завршија милиони евра од тендерите, дали крајна дестинација биле фирми на Заеви во Бугарија и Дубаи, дали со тие пари е финансирана СДС и дали со тие пари се купувани други бизниси на Заеви?, изјави Валентин Манасиевски од ВМРО ДПМНЕ.