Драгана Кирковска, директорка на Ресурсниот центар "Кочо Рацин" Битола денеска застана во одбрана на професионалното работење и интегритетот на своите вработени, откако СВР Битола информира дека ученик во Заводот бил нападнат од негователка за што пријавил родителот. Директорката Кирковска смета дека никој не смее да биде обвинет и оцрнет пред јавноста без тоа да биде докажано.
-Ги демантирам информациите кои кружат по портали за институција која опстојува децении наназад.
Институција во која вработените посветено ,чесно и одговорно пред се професионално ја работат својата работа.
Работиме со најпосебните ученици со исконска убавина, со најранливата категорија на родители, семејства и секојдневно со душа и срце вложуваме и го градиме нивното подобро утре, се бориме да станат самостојни членови на ова општество, сакаме да научат суштински нешта за животот да почитуваат и да вреднуваат кога некој безусловно ги сака и прави се за нивно добро.
Никој не заслужува да биде обвинет и оцрнет пред јавноста пред истото да биде проверено и докажано, посебно не некој со над 30 годишно бесценето работно искуство, личност која испратила генерации и генерации и која ден денеска каде и да ги сретне ја нарекуваат ,, моја втора мама ", стои во информацијата која директорката Кирковска ја испрати до Апла. СВР Битола информира дека вчера во 23:30 часот во СВР Битола, 42-годишен штипјанец пријави дека претходно, неговиот малолетен син, ученик во Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух во Битола, бил физички нападнат од една вработена негователка. Од СВР Битола најавија дека се преземаат мерки за расчистување на настанот.