МЕЃУНАРОДЕН САМИТ НА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ ВО ПАРИЗ ЗА ЗАЈАКНУВАЊЕ НА МЕРКИТЕ ПРОТИВ АНТИСЕМИТИЗМОТ
Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски и секретарот на општината Борче Димитровски, беа дел од Самитот на градоначалници против антисемитизмот, кој се одржа во Париз.
Самитот, со кој претседаваше градоначалничката на Париз Ан Идалго, ги обедини градските лидери, креаторите на политики и претставниците на заедниците, во нивната заедничка мисија за активно спречување и сузбивање на антисемитизмот во сите негови форми. Настанот претставува значајна платформа за акција, дијалог и размена на искуства, нагласувајќи ја клучната улога на градовите во заштитата на граѓаните и унапредувањето на квалитетот на заедничкиот живот.
Во рамките на програмата, учесниците активно учестваа во панел-дискусиите и работните сесии фокусирани на практични стратегии, успешни локални иницијативи и специфичните предизвици со кои се соочуваат општините при справувањето со омразата и дискриминацијата. Градоначалниците и општинските лидери ги споделија своите практични искуства, политички пристапи и дискутираа за можностите за прекугранична соработка која може да ја зајакне едукацијата, безбедноста и довербата во заедницата.
Самитот имаше за цел да го поттикне развојот на заеднички решенија, да ја засили солидарноста меѓу градовите и да ја нагласи важноста на локалното делување во борбата против антисемитизмот.
Во рамките на посетата на Париз, градоначалникот Коњановски и секретарот Димитровски остварија средба со амбасадорот на Македонија во Франција, Игор Николов, во македонската амбасада.